Заеднички е заклучокот на сите земји од светот дека оваа болест ќе донесе трајни промени не само во животот, туку и промени во здравствените системи, изјави министерот за здравство, Венко Филипче на зборувајќи на онлајн прес-видеосесија ковид-19.
– Нема да биде исто, ќе треба да се одржува физичка дистанца и во рестораните и во фабричките капацитети и кај патниците кои ќе патуваат во автобусите. Секаде во светот ќе биде исто – заклучи министерот Филипче, кој рече дека сите мерки ќе продолжат да донесуваат позитивни резултати за успешно справување со кризата од коронавирусот.
Тој рече дека ќе биде потребно да се одделат здравствените институции, едни само за третман на пациенти со коронавирус, други само за пациенти кои се негативни.
– Ќе биде ова период каде ќе треба да се одделат здравствените институции, едни само за третман со коронавирус, други за пациенти кои се негативни. Сето ова бара реорганизација, која ние веќе ја започнавме. Тоа значи матичните лекари да преземаат повеќе обврски, а болничките капацитети да се празни. Веќе сме спремни, да одиме во следната фаза, кога ќе се попуштаат рестриктивните мерки за ограничување на движење за да го издржиме и секундарниот удар на здравствениот систем – рече Филипче.
Министерот за здравство оцени дека владините мерки биле донесени навремено, па затоа очекува бројот на новозаболени со ковид-19 да почне да се намалува на почетокот на мај. Тогаш, како што кажа Филипче, се очекува и ублажување на рестриктивните мерки.