Министерот за здравство, Венко Филипче, по деветтата седница на Советот за безбедност за актуелната ситуација со пандемијата на ковид-19 во земјава, на новинарско прашање истакна дека целиот Клинички центар е во ситуација на мобилизација.
– Утрово имав состанок со директорите на сите интерни клиники. На списокот на лекари, на медицински сестри практично се сите вработени лекари, медицински сестри од клиниките и по потреба ќе работат во дополнителните капацитети. Најпрво, со оглед на тоа што модуларната болница е речиси исполнета, во Институтот за белодробни заболувања и дополнителни болнички легла во рамките на повеќе интерни клиники. Во Клиниката за дерматологија, Клиниката за неврологија, којашто има пристап до централен довод на кислород. Во рамките на другите болници секаде се ослободени интерните одделенија и кадарот е целосно ставен во истата ситуација, мобилизација како тука во Клиничкиот центар – потенцираше Филипче.
Тој рече дека дополнителни одделенија веќе се спремни и во Градската општа болница „8 Септември“ има доволно болнички легла, кадарот е спремен да работи со пациенти со ковид-19.
– Граѓаните треба да бидат спокојни, никој нема да остане без здравствена заштита, без лекарска услуга. Дозволете да апелирам да се почитуваат новите мерки. Вчера се изгласа измената на Законот за заштита на населението од заразни болести, мерките коишто се сега на сила се мерки коишто се практично имплементирани во цела Европа. Ограничениот капацитет на пополнување во јавниот превоз, задолжителното носење маски на отворено, понатаму затворањето на угостителските објекти по 23 часот, препораката да се работи од дома и онлајн е нешто што доколку се почитува може сериозно да ја намали трансмисијата на вирусот – изјави министерот Филипче.