Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска имаше средба со претставници на Здружението „Борка – за секој нов ден“ во кое членуваат пациенти со малигни заболувања. На средбата разговараа за досегашните и идни активности, како и за предизвиците со кои се соочува оваа група на пациенти во услови на корона кризата.
– Овој изминат период од повеќе од две и пол години навистина имавме многу успешна соработка, ги слушнавме барањата на пациентите, предизвиците и проблемите со кои се соочуваат во целокупниот процес на добивање здравствена услуга од оваа сфера. Во таа смисла, со една огромна инвестиција значајно се зголеми бројот на лекови и биолошка терапија, над 30 молекули во последниве две години се достапни на нашите пациенти и нема ниту еден пациент што сега, за разлика од порано, се упатува во странство за да ја прими оваа терапија. Не постои пациентка со карцином на дојка за која нема лекови што често беше случај претходно, како и огромен број нови лекови за пациентите со карцином на бели дробови, карцином на кожа, итн – кажа Филипче.
Тој посочи дека оваа криза со коронавирусот наметна и други предизвици со кои се соочуваат овие пациенти и коишто бараат начини за да се решат. Во таа смисла, рече Филипче, почна дисперзија на терапијата ширум центрите во државата.
– Засега тој систем функционира во Клиничката болница во Битола, почнува во болницата Штип и треба да се имплементира во Клиничката болница Тетово, а тоа значи дека во овие центри пациентите ќе ја добиваат терапијата, место пациентите од овие региони да патуваат во Скопје. Уште еден проблем којшто дополнително треба да се реши е добивањето здравствена услуга во делот на контролните прегледи, рендген прегледи, мамографија, ЕХО, за што разговаравме за начините на коишто може тоа да се надмине во најбрз временски рок, а притоа да не биде дополнително загрозено здравјето на овие пациенти, имајќи во предвид дека тоа се имунокомпромитирани пациенти и не треба да се мешаат со останатите пациенти во чекалните и во амбулантите – истакна министерот Филипче и додаде дека овој дел дополнително ќе се разработи во следните денови и ќе може да се имплементира.
Претседателката на Здружението „Борка“ Биба Додева информираше дека пандемијата како и секаде, така и кај нас, особено на пациентите со малигни заболувања им предизвика проблеми.
– Она што го увидовме заедно во текот на овие неколку месеци е дека може да се дисперзира терапијата, особено таблетарната терапија, и дури и супкутаната терапија, и не само во центрите, туку заедно со помош на клиниката за онкологија и Црвениот крст се дистрибуира таблетарната терапија до секое место во државата. Значи, се носи лично на пациентите и тоа нѐ научи дека можеме на поинаков начин да функционираме и ќе изнајдеме решение тоа да биде и практика, да стане дел од програмата таквото децентрализирано добивање на терапијата. Третата работа со која се соочивме, за жал, се уште не можеме да ја решиме, а веќе станува проблем, е одложувањето на контролните прегледи и следењето на терапијата. Денеска имавме навистина продуктивен состанок за што дојдоа голем број „борки“, заедно дојдовме до едно решение за кое се надевам дека наскоро ќе биде спроведено, бидејќи овие пациенти не смеат да имаат поголем период од 3-4 месеци прекин на контролата – рече Додева.