Министерот за здравство д-р Венко Филипче во синоќешното гостување во телевизија Клан  истакна дека Европската Унија ќе излезе како победник и покрај сите предизвици со кои се соочува, и ќе им помогне во процесот на имунизација на земјите кои не се членки на Унијата. Филипче потенцираше дека целта е да се постигне колективен имунитет, а тоа значи во сите држави да се спроведе процесот на имунизација, со што би се сменила сликата за пандемијата. 

– Уверен сум дека и во оваа криза ЕУ ќе излезе победник и дека ќе може сепак да им помогне на земјите кои не се членки на Унијата, свесни дека е тоа исклучително битно, во смисла, дека не смее да остане едно подрачје невакцинирано, бидејќи целокупниот концепт на имунизацијата нема да може соодветно да се спроведе. Идејата на имунизацијата е да се постигне колективен имунитет, а тоа значи во сите држави да се спроведува процесот на имунизација за дефинитивно да се смени сликата за пандемијата – рече Филипче.


Набавуваме најсофистицирана терапија за ковид-пациенти

Министерството за здравство вчера испрати писмо до Европската комисија за резервација на најсофистицираната моноклона комбинирана терапија на антитела за третман на пациенти заболени од ковид-19, со „коктел“ од „касиривимаб” и „имдевимаб”.

Министерот за здравство Венко Филипче за ова говореше во вчерашното гостување на телевизија Клан. Филипче потенцираше дека кај нас е достапна целата терапија за третман на ковид пациенти, а дополнително ќе се набави нова терапија.

– Денеска испративме писмо, преку заедничкиот механизам за набавка на ЕУ со кое аплициравме за уште една терапија против ковид, всушност на истиот принцип како што го набавивме лекот Ремдесивир. За првпат во нашата земја ќе стигне најскапата терапија за ковид, т.н моноклони антитела, специфична за овој вирус. Во истиот момент кога ќе биде на располагање на европските земи, ќе биде и кај нас – изјави Филипче и информираше дека лекот ќе биде набавен со помош на кредитот од Светска Банка.