Угостителските објекти кои немаат летни тераси остануваат забранети оти Комисијата за заштита од заразни болести заклучила дека во нив нема да се почитуваат протоколите за заштита од коронавирусот.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека не се работи на подготовка на протоколи за работа на затворените делови од угостителските објекти, токму поради ставот дека внатре нема да се почитуваат препораките за заштита од ковид-19.
– Има протоколи за одржување различни настани, курсеви, предавања, состаноци и слично. Тука сметаме дека во рамки на таа организација протоколите може да се почитуваат, но нема да се почитуваат за време на веселби и свадби или за време на подолгите работни часови во угостителските објекти во затворените делови. Засега останува препораката да функционираат сите овие објекти само надвор – рече министерот Филипче.
Со ублажувањето на мерките за заштита од коронавирусот, дозволено е организирање свадби, но само на летни тераси кои се отворени од три страни. Дозволена е жива музика, но пејачите не смеат да се движат меѓу гостите и треба да бидат оддалечени пет метри од правата маса. Не е дозволен никаков физички контакт меѓу гостите па забранети се ора, поздравување со ракување, гушкање и бакнување.
На гостите ќе им биде дозволено да играат на подиум на кој треба да има по четири квадратни метри за секое лице.
И влезот на свдбите ќе биде строго по протоколи, односно на гостите со покачена температура нема да им биде дозволено да влезат на веселбата.