Вработените во туристичкиот сектор за во среда најавија протест поради состојбата во која се наоѓаат поради коронавирусот. Организаторите велат дека се најавени повеќе од 700 учесници.
– Сведоци сте на нашата борба во изминатите пет месеци за опстојување на нашиот сектор, поради кризата со ковид-19, како и барањата кои во повеќе наврати ги упативме кон сите надлежни институции, Министерство за економија, Министерство за финансии, со цел помош на туристичките агенции, водичи, пратители и превозници, но досега останаа неми за нашите апели и ниту еднаш не добивме никаква надеж дека воопшто ќе бидат истите разгледани – велат вработените во туристичкиот сектор.
Протестот е најавен за во среда, 29 јули, со почеток во 16 часот. Предвидено е учесниците да се движат по одредена рута, а ќе ги следат автобуси.
Почетокот на протестот ќе биде симболично пред Дрво Декор, местото од каде некогаш започнуваа реализациите на туристичките тури, а ќе продолжи кон Кочо Рацин, 11-ти октомври, Димитрие Чуповски, Васил Главинов, булевар ВМРО, булевар Илинден, до Владата.
– Овој протест нема никаква политичка позадина и строго се оградуваме од било каква поврзаност. Бидејќи истиот се одржува во време на пандемија, уверуваме дека ќе се придржуваме до мерките за заштита како носење на маски и дистанцирање. Само заеднички ќе успееме да се избориме за опстанок на повеќе од 5.000 вработени и повеќе од 300 агенции во целата држава – се вели во најавата за протестот.