Претседателот Стево Пендаровски, оствари телефонски разговор со сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен.
За време на разговорот беа разменети информации за состојбите во двете држави, во контекст на справувањето со последиците од ширењето на кoвид-19.
Пендаровски го информираше австрискиот претседател за мерките што државните власти ги преземаат во справувањето со пандемијата, вклучувајќи ја и одлуката за повторно прогласување на вонредна состојба во следните 30 дена.
Во разговорот претседателот Ван дер Белен пренесе дел од австриските искуства и мерките што државата ги презема во справувањето со ширењето на ковид-19.
Поздравувајќи ја помошта што дел од компаниите со доминантен австриски капитал во земјата ја дадоа за справување со последиците на пандемијата, како и досегашната помош на ниво на Европската Унија и демонстрираната солидарност со државата, претседателот Пендаровски во разговорот со австрискиот претседател Ван дер Белен ја истакна потребата за сеопфатна помош од страна на Европската Унија за земјите од регионот, за справување со последиците од ширењето на ковид-19 на здравствен, економски и социјален план.
Пендаровски се заблагодари и за јасната австриска поддршка за аспирациите на Македонија за членство во Европската Унија и истакна дека неодамнешната одлука за почеток на пристапните преговори за членство е заслужено признание за напорите на државата во изминатиот период. Претседателот Пендаровски изрази очекување, во овие вонредни околности, Европската Унија да изнајде модалитети за движење на интегративниот процес напред.