Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, на прес-конференција порача дека владата предлага воведување вонредна состојба на целата територија на земјата. Рече дека се работи за вонредна ситуација и дека веќе нема што да се чека.
– Предлагаме воведување на вонредна ситуација веднаш. Каква што е состојбата така и треба да се однесуваме-вонредно. Сите заедно да се придржуваме до мерките кои се донесени поради сериозната состојба од епидемијата на коронавирусот. Сите заедно ќе ја надминеме оваа ситуација. Да покажеме одговорност и сериозност. Ќе направиме се да го вратиме безбедното секојдневие на граѓаните и да излеземе од оваа сериозна состојба со вирусот – порача Спасовски.
Тој истакна дека се работи за одлука која е нужна во овој момент.
Не може некој лагодно да се однесува во ваква состојба, мора секој да преземе одговорност за своето однесување. Јавното здравје е најважно и нема да дозволиме некој да го загрози, предупреди Спасовски.
Тој упати апел да не се крева паника кај народот, дека има храна и да не се прават залихи. Спасовски истакна дека владата донела мерки соодветни за состојбата.