Клиниката за психијатрија ќе почне со телефонска психолошка поддршка на граѓаните што се во самоизолација, родителите што се ослободени од работа, односно што имаат деца во градинка или во основно училиште, како и за граѓаните од кризните подрачја во Дебар и Центар Жупа. Ова е последната новина од Министерството за здравство, која вчера ја соопшти министерот за здравство Венко Филипче, како една од мерките за справување во ситуации кога има препораки и мерки за заштита на населението од коронавирусот.
– Психолошка поддршка на родители на деца на предучилишна и училишна возраст – тел. 072 912 676, психолошка поддршка на возрасни лица во самоизолација – тел. 072 919 009, психолошка поддршка на граѓаните на Општина Дебар и Општина Центар Жупа, во соработка со Медицински центар Дебар тел. 070 241 807, пациентите закажани во „Мој термин“ за психолошко советување и психотерапија во закажаниот термин ќе бидат контактирани од страна на психолог и ќе се спроведуваат телефонски, со можност за видеоврска на некоја од интернет-мрежите (по договор) – истакна Филипче.
Според него, подготвен е списокот на лекари, анестезиолози и медицински сестри што ќе ротираат во институциите во кои ќе биде потребно.
– На располагање се 440 медицински сестри и 200 анестезиолози од целата држава, а откажана е хроничната програма во сите хируршки одделенија – посочи министерот.
Тој посочи дека во текот на вчерашниот ден се тестирале седум нови лица.
– Тројца од лицата со симптоми на грип доаѓаат од Дебар, двајца преку Центарот за јавно здравје од Штип и уште двајца со анамнеза дека изминатиот период патувале во Австрија, односно Германија се наоѓаат на Инфективната клиника во Скопје. Нивните резултати ќе бидат познати во текот на денот. Непроменета е состојбата на сите други 18 пациенти, 13 на Инфективната клиника во Скопје, и сосема добра на пациентите на домашно лекување во Дебар, како и на пациентката што е на респираторна машина и стабилна е. Испишана е и првата пациентка во сосема добра клиничка состојба, контролата на белите дробови покажа дека нема големи последици и може да се упати на домашно лекување. Тестирани се сите што биле во контакт со неа и немаат никакви симптоми и тие се практично здрави – истакна Филипче.
Македонија располага со околу 200 респираторни машини. Тука се вклучени машините од приватното и јавното здравство.
– Во тек е набавка на 50 респиратори, кои очекуваме да стигнат до крајот на оваа недела со можност да добиеме плус 50. Во моментов имаме 120 респираторни машини, од кои 90 се во Скопје, а преостанатите во другите градови. Очекуваме одговор од Кинеската амбасада за донација на 200 респиратори – посочи Филипче.
Од Фондот за здравство посочија граѓаните да ги следат нивните мерки за работа ставени на нивната веб-страница, односно дека продолжување на боледување по сите основи избраниот лекар ќе може да врши врз основа на телефонско јавување на осигуреното лице.
– Поради спречување на ширење на коронавирусот, здравствените установи од дејноста специјалистичко консултативна здравствена заштита и општа стоматологија треба да даваат здравствени услуги само во итни случаи – се дел од мерките на ФЗО.
Државните власти ја креваат превентивата од коронавирус на највисоко ниво, за да се спречи ширењето на заразата. Советот за национална безбедност кај претседателот Стево Пендаровски беше закажан за доцна синоќа и оттаму се очекуваат заклучоци во кој правец ќе оди подигањето на нивото за безбедност. Партиите вчера најавија согласност за одложување на изборите, а здравствените власти ги засилија контролите.
За вчера во 19 часот беше закажана и седница на Владата на која ќе се дискутира за повеќе мерки.