Општина Прилеп денеска ги распредели првите заштитни штитови за лице, кои се дело на прилепската фирма „Ипринт“. Градоначалникот Илија Јованоски првите педесеттина заштитници ги предаде во прилепската болница за персоналот на заразното одделение, како и за лекарите специјалисти и останатиот медицински персонал кој е во непосреден контакт со пациентите.

Заштитните штитови, вели директорот на болницата, д-р Драги Богојески, ќе се користат во ситуација кога здравствените работници се во контакт со лица заболени од коронавирусот, или со пациенти за кои постои сомневање дека се заразени со коронавирус. Заштитни штитови добија и вработените во Итната медицинска помош, кои во новонастаната ситуација со пандемијата, имаат потреба од дополнителна заштита.

Утре и во наредните денови, здравствените установи од Прилеп ќе добијат онолку заштитни штитови колку што им се потребни.

Од фирмата велат дека ќе ја интензивираат изработката на заштитни штитови и дека во соработка со фирмите „Резонатор“ и „Графика Дизајн“, на дневна основа ќе произведуваат значително поголеми количини на штитови кои, идентично како и заштитните маски, Општина Прилеп ќе ги распределува според приоритети.

Ка.М.