Владата на седница донесе забрана за влез и излез од и во подрачјето на територијата на општина Куманово со градски и меѓуградски патнички и железнички јавен превоз.
Во согласност со ова, со одлуката им се препорачува на економските оператори што имаат големи производствени и продажни капацитети на подрачјето на територијата на општина Куманово да го приспособат своето работење со редуциран број вработени имајќи ја предвид забраната за влез и излез од и во подрачјето на територијата на општина Куманово со градски и меѓуградски патнички и железнички патнички јавен превоз или целосно да ги затворат производствените и продажните капацитети.
Со оваа одлука се задолжуваат Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје да подготват посебен план со екипи за да се преземат сите потребни мерки и активности за да се спроведат поголем број тестирања на подрачјето на територијата на општина Куманово, со цел континуирана детекција и организација на следење на состојбата со бројот на инфицирани лица од коронавирус (Ковид-19) за поефикасен третман, како и да се упати стручен медицински персонал и да се обезбеди техничка помош за потребите на Општа болница – Куманово.
Оваа одлука влегува во сила од утре.
Во Куманово има осум случаи на коронавирус, меѓу кои двајца доктори и една медицинска сестра. Една пациентка од Куманово почина на 21 март.