фотографии: Маја Јаневска Илиева

Во домашна атмосфера, а следејќи ги преку интернет воскресенските литургии, православните верници синоќа на полноќ го дочекаа најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.

Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваа воскресенски литургии.

Во живо илјадници верници ја следеа богослужбата посветена на Воскренението Христово – Велигден (Пасха) во Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител.
Во манастирот синоќа пристигна благодатскиот оган, кој претходно со грчки авион беше донесен на аеродромот во Скопје.

Соборниот храм беше празен, присутни беа само свештениците и новинарските екипи, а имаше и големо полициско обезбедување со оглед на тоа што литургијата се одвиваше за време на полицискиот час.

Дел од граѓаните со свеќи во рацете на терасите го одбележаа најголемиот христијански празник.

За првпат во земјава верниците го одбележуваат Велигден од своите домови, поради 85-часовниот карантин што го воведе Владата поради превенција и заштита од коронавирусот.


Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан во велигденското обраќање им порача на верниците да истраат и да не се вознемируваат што не можат бројно да присуствуваат во храмовите, како и да се молат од своите домови.

Верниците ќе можат да ги посетуваат храмовите од вторник, по завршувањето на полицискиот час, но дозволен е влез по најмногу петмина верници одеднаш, кои треба да се на одредено растојание.

Владата не донесе одлука за затворање на црквите, но испрати порака граѓаните да го заштитат своето здравје и здравјето на сите останати, со тоа што годинава ќе останат во своите домови и ќе ги почитуваат препораките.