Фото: Игор Бансколиев

Полицијата и армијата заеднички ќе го спроведуваат полицискиот час, а кој не ја почитува самоизолацијата, ќе се упатува во државен карантин

Македонија првпат воведе полициски час, односно забрана за движење на населението од 21 часот навечер до 6 часот наутро, откако претходно прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот
Во спроведувањето на заострените мерки, паралелно на терен, заедно со полицијата, се ангажира и армијата. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера истакна дека армијата презема три значајни обврски, а тоа е целосно преземање контрола на граничната линија, за да се спречат нелегални влегувања и излегувања, заедничко учество во мобилни екипи, полиција – армија, кои ќе спроведуваат проверка на влезови-излези на населени места, особено во делот на кризните подрачја, мобилни пунктови и контролни точки, како и физичко обезбедување на витални објекти, односно Собранието, Владата, затворите и други објекти.

Според Шекеринска, заеднички тимови ќе спроведуваат контрола на полицискиот час и самоизолацијата, а доколку не се почитуваат, веднаш ќе се изрекуваат мерки и ќе се упатуваат лицата во државен карантин. Таа посочи и дека веќе е објавен повик до сите хотели што имаат капацитет над 50 и се подготвени да прифатат луѓе во државен карантин.
Во меѓувреме, техничкиот премиер Оливер Спасовски посочи дека од полицискиот час ќе бидат исклучени лица што имаат потреба од итна медицинска помош, животно загрозувачка состојба, лица на дијализа, исклучиво во придружба на најмногу две лица.

– Ќе се ограничи бројот на дежурните аптеки на територијата на градовите, ќе се задолжат такси-компаниите да воведат дежурства со ограничен број возила и истите тие да бидат искористени исклучиво за превоз кон/од болничка установа или аптека. Се забранува движење на возила од јавен превоз од 21 до 6 часот. Дежурни екипи на ЕВН, „Водовод и канализација“, телекомуникациските служби, „Топлификација“ смеат да се движат само по претходна најава на 192 (МВР). Да се организираат меѓуградскиот и јавниот превоз со ограничување на капацитетот за превоз на патници за 50 отсто во возилото, или со задолжително одржување растојание од најмалку два метри меѓу патниците – истакна Спасовски. 


Скопје со најмногу заболени

Нови 29 случаи се регистрирани до вчера до 12 часот што се позитивни на коронавирус, соопшти Министерството за здравство. Со тоа бројката на дијагностицирани пациенти со ковид-19 во земјава изнесува 114 лица. Според местото на живеење, досега случаи на ковид-19 се регистрирани во Скопје (65 случаи), Дебар (36), Штип (7), Кавадарци (2), Охрид (2), Гостивар (1) и Куманово (1).