Аеродромите во Скопје и во Охрид повторно ќе бидат отворени од 1 јули, а ТАВ Македонија воведува нови правила за патување, со цел заштита од коронавирусот.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој, кажа дека ги следеле искуствата на другите аеродроми во светот со цел да ги искористат најдобрите практики со цел патниците, персоналот и партнерите да се чувствуваат безбедно.
– Она што е најважно за патниците е следното – да пристигнат на аеродромите најмалку три часа пред нивниот лет, да стават заштитна маска пред да влезат во терминалната зграда на аеродромот, да ги дезинфицираат обувките и рацете на самиот влез во зградата и постојано да одржуваат физичко растојание – вели Ерсој.
Како што објаснуваат од ТАВ Македонија во однос на Меѓународниот аеродром Скопје, при заминувања (Департурес), единствен отворен влез за патниците во терминалната зграда ќе биде влезот „Ц“, при што пред влегување секој патник ќе треба да стави заштитна маска, да ја покаже авионската карта (печатена или на телефон) на нашите агенти за безбедност и потоа да помине преку патосница за дезинфекција на чевлите, а потоа и да ги дезинфицира рацете на бесконтактните диспанзери за дезинфекција на раце, поставени на самиот влез од зградата.
– По соодветната дезинфекција на обувките и рацете, на сите патници на влезовите во терминалните згради на двата аеродрома ќе им биде проверена телесната температура, преку термалните камери кои ние како аеродромски оператор ги набавивме, со цел да спречиме влез на вирусот во аеродромските згради, при заминување од државата. По скенирањето со термалната камера, доколку немаат покачена телесна температура, патниците ќе можат да продолжат кон шалтерите за регистрација или саморегистрација. Она што е важно за целата јавност е да знае дека во аеродромската зграда ќе можат да влезат само лицата кои патуваат, а не и нивните семејства и пријатели кои ги испраќаат или ги чекаат да пристигнат – објаснува Ерсој.
Не е дозволено седење еден до друг на седиштата во чекалниците на аеродромот, на заминувања, пристигнувања и кај излезите, туку патниците ќе треба да седат на соодветното физичко растојание, а за таа цел седиштата се посебно обележани.
Со цел да се избегне создавање непотребен метеж на шалтерите за регистрација, од ТАВ Македонија ги охрабруваат патниците што повеќе да ја користат опцијата за онлајн регистрација на патници и багаж за летовите од скопскиот аеродром, најмалку 24 часа пред времето на полетување. Истата е достапна преку веб-страницата на аеродромот, каде што преку посебни икони секој патник може да пристапи до делот за онлајн регистрација од веб-страниците на авиокомпаниите.
При излез од аеродромската зграда, пред влез во коридорот, патничкиот мост и потоа во авионот, патниците, пак, ќе треба да ги дезинфицираат рацете, за што и на тие места ТАВ Македонија има поставено диспанзери за дезинфекција на раце.
Во врска со распоредот на летање, ТАВ Македонија ги упатува сите патници да ги следат веб-страниците на двата аеродрома, каде што ќе бидат објавени најновите распореди на летање.
Меѓународниот аеродром Скопје беше затворен за патнички летови од 19 март, додека Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид од 16 март.
ТАВ Македонија од јануари до мај 2020 забележа 53 отсто намалување на бројот на патници и 47 отсто намалување на бројот на летови, во однос на истиот период од 2019 година.