Небезбедна држава, небезбедна иднина
Самиот факт што релевантни светски институции прават рангирања на држави, меѓу кои и последното за безбедноста на државите во борбата со ковид-19, кое пред неколку дена го објави магазинот „Форбс“, значи и дека светската јавност, бизнисот, туристите го прифаќаат тоа како сериозна информација. Колку државата е подолу на листата на безбедност, толку е поголем ризикот за економијата и воопшто за нејзината перцепција во глобални рамки
Македонија како држава што воведе голем број рестриктивни мерки во борбата против коронавирусот во изминатиов период и која имаше стабилен и контролиран процес на ширење на заразата, наеднаш за нецел месец се соочи со драстичен пораст на бројот на новозаразени, а со тоа се најде и на листата на небезбедни држави во светот во борбата со ковид-19, која пред неколку дена ја објави магазинот „Форбс“. Една од дилемите во јавноста е што се случи од средината на минатиот месец, но другата е поважна и се однесува на тоа какви последици ќе претрпи државата сега кога е рангирана со држави во кои ризикот за зараза од коронавирус е голем, а ефектите од стратегијата за заштита се мали.
Самиот факт што релевантни светски институции прават рангирања на држави значи и дека светската јавност, бизнисот, туристите го прифаќаат тоа како сериозна информација. Колку државата е подолу на листата на безбедност, толку е поголем ризикот за економијата и воопшто за нејзината перцепција во глобални рамки.
Според „Форбс“, Македонија е на поразителното 103-то место, во друштво со Доминиканската Република, со Антигва и Барбуда, Гренада, Киргистан, Маврициус и Св. Луција. Најбезбедна држава на планот на заштита од пандемијата на коронавирусот е Швајцарија, додека најопасен е Јужен Судан. Што се однесува до балканските земји, на листата најдобро стои Словенија, на 32-то место, четири места зад неа е Хрватска, додека Црна Гора е на 42-то место. Србија, пак, се најде на 54-то место. Првите места ги зазедоа Швајцарија и Германија, поради силната економија и претпазливоста за време на олабавувањето на мерките.
Се намалува конкурентноста на економијата
Сепак, аналитичарите сметаат дека на глобално ниво тоа нема да се одрази на репутацијата на државата, зашто сега сите земји се во ист кош и се справуваат со овој вирус, но истакнуваат дека ваквите рангирања најмногу и директно ќе се одразат на туризмот, а со тоа и на економијата во државата.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека ваквите рангирања на земјата нема да ја сменат општата слика за Македонија, зашто таа стана членка на НАТО и ги почнува преговорите за членство во Европската Унија.
– Сето ова ќе има транзициско влијание додека трае целата состојба со коронавирусот. Сега тоа директно ќе влијае на нашето патување во трети земји, како и на влезот на странски државјани. Според ова рангирање, и САД се наоѓаат на ниско место, а и Светската здравствена организација посочи дека состојбата со коронавирусот не може да се предвиди. Затоа ова нема да има големо влијание на перцепцијата на земјата – нагласува Арсовски.
Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека една од стратегиските гранки на државата е туризмот, а токму ваквите рангирања на нашата земја, според него, најмногу може да се рефлектираат врз оваа гранка.
– Луѓето ќе бидат скептични да патуваат во земјава, а тоа директно ќе има реперкусии во економијата. Нема да има туристи од надвор, хотелските и ресторанските капацитети ќе останат празни. Нема да се трошат пари во земјава. Сето тоа ќе влијае на целиот синџир на доставување. Дополнителен проблем ако потрае состојбава ќе биде и тоа што дијаспората нема да ги троши парите во земјата, нема да има кеш во оптек и нема да има нови градби – посочува Адеми.
Туризмот е само права жртва
Сепак, според него, крајната цел на ваквите рангирања на земјата е да се намалат конкурентната моќ и позиција на Македонија на регионалниот пазар и во економијата.
– Ако корона-пандемијата потрае повеќе од шест месеци, тогаш нема да има странски компании што би сакале да инвестираат во земјава, а домашните компании ќе имаат помалку промет и нема да можат да вложуваат во развој – заклучува аналитичарот.
Крсте Блажески, претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ) вели дека хотелиерите веќе ги трпат загубите и дека следните месеци најмногу се надеваат на домашните туристи.
– Од 70 до 80 отсто од странските гости ги откажаа резервациите. Треба да се нормализира состојбата со заразени, па да може да сметаме на домашните туристи, зашто и тие ќе бидат претпазливи и тешко ќе се одлучат да патуваат или да престојуваат во хотелските капацитети – посочува Блажески.