Сто лица од новите 180 заразени со коронавирус кажале дека во изминатиот период имале контакт со потврден случај инфициран од вирусот, се вели во извештајот од Институтот за јавно здравје, од каде се заклучува дека 80 од новозаразените, кажале дека немале контакт со заразено лице.
Најмногу од новите случаи се лица на возраст од 30 до 39 години, со 43 позитивни.
– Од обработените случаи, регистрирани се пет хоспитализирани, а кај 35 лица е регистрирано присуство на коморбидитети, односно претходни заболувања. Во однос на пол, пријавени се 97 лица од женски и 83 од машки пол – пишува во извештајот за вчерашните слуачи.
Од двата смртни случаи од Скопје и Куманово, само едниот имал коморбидитети, додека, пак, двајцата имале контакт со потврден случај.
Според местото на постојано живеење и повремен престој, случаи на коронавирус се регистрирани во 31 град низ државата. Најголем дел од нив се регистрирани во Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп, Велес и Штип.
Според категоризацијата на ризикот од Светската здравствена организација, се проценува дека Скопје и Тетово се во четвртата фаза, односно имаат широко распространета трансмисија, додека, Штип е во трета фаза што значи дека трансмисијата е локализирана. Останатиот дел од државата е во втора фаза, односно, спорадични случаи.
Проценката на СЗО кажува дека постои висок ризик од ширење на коронавирусот на глобално ниво, но и во европскиот регион.