Градоначалникот на општина Дебар, Хекуран Дука вели дека се земени 209 брисеви од кои 36 лица се позитивни на коронавирусот.
Во домашна изолација во Дебар се 133 лица, информираше Дука.
– Земени се 209 брисеви, од кои позитивни се 36. 13 се сместени во Клиниката за заразни болести и 23 се во домашно лекување. 133 се во домашна изолација бидејќи се смета дека тие имале контакт со заразени лица. Институциите вршат контрола според својот план, а што се однесува до хигиената во градот, вршат редовно чистење и дезинфекција на улиците – соопшти градоначалникот.
Тој упати апел до жителите на Дебар да не излегуваат во градот без потреба, да не се собираат повеќе од пет лица и да соработуваат со институциите.
– Здравствената екипа е на терен, тие вршат контрола. Во болницата се е под контрола. Се очекува соработка од граѓаните, да не се собираат во градот повеќе од пет лица и да да се држи растојание. Ако немаме соработка, нема да имаме успех во борбата со вирусот. ЕСМ испрати околу 1000 пакети со храна. Распределени се во повеќе населени места – кажа Дука.
Од кризните подрачја ќе се евакураат косовски државјани кои престојувале во хотел, по истекот на 14-дневниот карантин.
– Сите затекнати странски државјани од Косово кои престојуваа во хотелот во Бањиште, ќе се евакуираат според протоколот кога ќе заврши 14-дневниот карантин. Остануваат уште 5-6 дена во самоизолација – додаде градоначалникот на Дебар.