Изминативе два дена преку матичните лекари биле закажани 170 термини за тестирање за коронавирус, а со тоа зафатени сите термини за тестирање во следните два – три дена, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
Поради големата потреба за тестирање, а за да се излезе во пресрет на сите пациенти, министерот Филипче најави мобилна екипа за земање брисеви.
– Со оглед на тоа што стигнуваат голем број барања за тестирање воведуваме уште еден модел за земање брисеви. Тој ќе биде во функција од утре пробно, а веќе од четврток и целосно. Се работи за мобилно тестирање, со возила од здравствените домови. Веќе е екипиран персоналот, има и соодветна количина резерва на брисеви. Таму каде што нема да може да се постигне, каде што ќе биде најголем притисокот преку матичните лекари да се закаже во пунктовите, а таму термините се пополнети, ќе се направи ротација по домовите на пациентите – рече министерот Филипче.
Закажувањето за тестирање се врши исклучиво преку матичните лекари, а брисевите се земаат на 14 пункта во државата.
Министерот Филипче нагласи дека не е дозволено без закажан термин пациентите да доаѓаат на пунктовите бидејќи не смее да се дозволи метеж ниту согласно препораките на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот.