Фото: Игор Бансколиев

Почнувајќи од 22 април, среда, се воведува мерка за забрана за движење на населението на подрачјата на општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење на соодветна заштитна опрема (маска, шал, марама и слично), надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници и слично. Оваа одлука е донесена на денешната владина седница.

Истовремено, Владата го задолжи Аднан Џаферовски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, со уште двајца членови од Главниот координативен кризен штаб да биде во комуникација со Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, поради потребата од негово консолидирање и тековно следење на состојбите и работата на сите надлежни институции на дневна основа во ова подрачје, со цел одржување на функционална и ефективна работа на овој штаб.


 

Државните институции во Куманово се задолжени да ги редуцираат капацитетите

Државните институции во Куманово се задолжени да ги редуцираат капацитетите и да воведат посебни мерки за заштита. Ваква одлука беше донесена денеска на владина седница, информираше премиерот Оливер Спасовски.

– Од денешната седница произлезе задолжувањето за сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции кои имаат свои седишта или подрачни единици на подрачјето на Општина Куманово, како и укажувањето на Општина Куманово и јавните претпријатија и другите правни лица основани од Општина Куманово, да ги редуцираат своите капацитети и да воведат посебни мерки за заштита, со цел поголем број на лица да бидат изолирани во овој период – информираше Спасовски по седницата.

Исклучок од оваа мерка се вработените лица од Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана – армијата, од јавните здравствени установи, како и вработените во територијалните противпожарни единици на подрачјето на Општина Куманово.


Од вторник забранет организиран превоз за влез и излез од Тетово

Владата донесе одлука дека од вторник се забранува организиран превоз на патници односно забрана за влез и излез во и од подрачјето на Општина Тетово и сите околни општини.

– Исклучок од оваа забрана е организираниот превоз што го вршат економските оператори за своите вработени лица до работните места, како и организираниот превоз на вработените лица во Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана – армијата, како и вработените во територијалните противпожарни единици во овие општини – стои во владиното соопштение.

Согласно ова, Владата донесе Одлука за дополнување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територија на Македонија.