Сите угостителски објекти во Македонија ќе бидат затворени од денеска до 20 април, со одлуката донесена од Владата чија цел е превенција од ширење на коронавирусот. Од мерката се исклучени рестораните во рамки на сместувачките капацитети, како и угостителските објекти на скопскиот и на охридскиот аеродром.
Угостители кои вршат подготовка и продажба на храна можат да ја доставуваат преку нарачки или пак самостојно подигнување надвор од објектот, преку пулт. Воведена е забрана и за посета на обложувачниците, додека од вчера се затворени и фитнес-клубовите и спортските сали.
Полицискиот час од вчера трае од 20 часот до 5 часот изутрина, што ќе важи до 20 април.