Фото: Игор Бансколиев

СЕКОЈДНЕВНО РАСТЕ БРОЈОТ НА НОВОЗАРАЗЕНИ,
КАДЕ ЛЕЖИ ОДГОВОРНОСТА

Во екот на здравствената криза во Србија, кон средината на април, првиот човек на тамошниот кризен штаб за борба со вирусите Предраг Кон поднесе оставка поради, како што наведе, нападите врз него и врз здравствениот систем. Сепак, претседателот Александар Вучиќ веднаш „го премисли“ и Кон продолжи со својата работа. Но какви се состојбите во Македонија, особено по последните рекордни бројки на новозаразени лици? Колку здравствените експерти се самостојни во одлучувањето околу мерките за заштита и колкаво е влијанието на политиката? И, конечно, како е можно кај нас сите да се оградуваат од одговорноста и да ја префрлаат топката на друг, иако бројот на новозаразени секојдневно расте

Голема бура се крена во јавноста по изјавата на првиот човек на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, дека не се испочитувала препораката околу мерките за Рамазан-бајрам, поточно дека Владата донела поинаква одлука од она што го препорачувала комисијата, поради што останува нејасно кој извршил притисок да се промени одлуката и да се олабават рестриктивните мерки за време на големиот муслимански празник.
Она што се наметнува како клучна дилема е зошто, ако постоел ваков притисок, членовите на комисијата не соопштиле навреме и зошто дури сега, откако почна да се бара виновник за новиот бран на епидемијата, тие се оградуваат од одговорноста, а прстот го вперуваат кон недисциплинираните граѓани.
Во екот на здравствената криза во Србија, кон средината на април, првиот човек на тамошниот кризен штаб за борба со вирусите Предраг Кон поднесе оставка поради, како што наведе, нападите врз него и врз здравствениот систем. Сепак, претседателот Александар Вучиќ веднаш „го премисли“ и тој продолжи со својата работа.
Потврда дека пропустот за појавата на нов бран на коронавирусот е кај надлежните е и последното зголемување на бројот на новозаразени и во БиХ и во Косово, како и во делови на Србија, каде што пред десетина дена се прославуваше големиот верски празник Рамазан-бајрам и каде што беа дозволени верските обреди.

За разлика од балканските земји, Турција ги затвори џамиите за време на Рамазан и спречи нов бран на зараза со ковид-19, што ѝ овозможи на оваа земја деновиве да почне да го нормализира животот, а епидемијата да ја стави под контрола.
– Ние не сме влада на државава. Ние не сме луѓе што се директно инволвирани во донесувањето на одлуките. Главен кризен штаб на оваа држава ги донесува одлуките. Би сакал да ве потсетам дека комисијата предложи едни мерки за муслиманскиот празник Рамазан-бајрам, но Владата одлучи сосема нешто друго – рече Жарко Караџовски, претседател на Комисијата за заразни болести.

Тој се огради од каква било одговорност за новиот раст на заразени со ковид-19.
– Сум давал стручно мислење за одредени проблеми во државата. Одговорност се случува оној момент кога некој ќе направи кривично дело. Мојот став бил секогаш стручен, издржан, епидемиолошки, а кој се сеќава на мојата последна изјава, мојата идеологија е епидемиологија – порача Караџовски.
Според аналитичарот Сотир Костов, одговорноста не треба да се бара кај Комисијата за заразни болести, туку кај власта.

– Ние систематски погрешивме со короната, неподготвени, неорганизирани, неекипирани. Не го обвинувам Караџовски, власта е виновна – смета Костов.
За микробиологот Никола Пановски, Комисијата за заразни болести морала да остане посветена на науката и да не подлегнува на никакви притисоци, без оглед од каде доаѓале.

– Тие луѓе од Комисијата за заразни болести излегоа на прес на 25 мај и рекоа дека сè е под контрола, како да имаа некаква наредба, некаква ургенција така да постапат, што мене како доктор ми пречи, бидејќи требаше да останат на своето докрај, посветени на науката, и да не попуштаат под никакви околности, бидејќи сега се работи за една пандемија што навистина само науката може да ја реши. Просто да кажам, науката беше на некој начин потисната – смета Пановски.
Заменик-министерот за здравство Арменд Арслани вели дека столбот на носењето на мерките е Комисијата за заразни болести, но дека тие се разгледуваат и од Кризниот штаб и од Владата пред да се донесат.

– Столбот е Комисијата за заразни болести. За мене тоа би било стручно… Сепак тоа се филтрира на Кризниот штаб, па се разгледува и гласа на владина седница – појаснува Арслани.
Власта од една страна се оградува од какви било притисоци врз Комисијата за заразни болести за носењето на мерките, додека опозицијата има спротивставено мислење, обвинува дека владејачката партија влијае врз носењето на одлуките во комисијата за побрзо да се истурка датум за избори.

– Комисијата за заразни болести наместо препораки за заштита на здравјето, спроведуваше политички диктати од Заев. Сосема несовесно се олабави состојбата со мерките, но наедно власта во трката да се допадне и да има избори глумеше нормализација, што предизвика и доведе до тоа вирусот и последиците од вирусот да се потценат – смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Од своја страна, владејачката СДСМ за ескалацијата на заразата го обвини актуелниот министер за внатрешни работи во техничката влада, кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
– Наместо да спречува, полицијата на Наќе Чулев со своето недејствување поттикнуваше и охрабруваше прекршување на забраните за движење и групирање. Тоа придонесе прекршувањата на мерките и задолженијата за заштита од коронавирусот да станат многу побројни, што влијаеше и врз зголемувањето на бројот на новозаболени од коронавирус – порачаа од СДСМ.

Како и да е, во време кога бројот на заболени секој ден расте, одговорноста за настанатата ситуација треба да се бара кај сите, но истовремено тоа треба да значи и признавање на грешките и наоѓање нови и ефикасни начини како да се реши здравствената криза. Обвинувањата од типот кој бил крив нема да ја подобрат состојбата, туку само ќе го продлабочат проблемот. Тоа сега е најмалку потребно.