Ветувањата дека кичевската болница меѓу првите ќе добие модуларен ковид-центар во целост се остварија. Така денес во кругот на Општата болница беше предаден во употреба новоизградениот модуларен ковид-центар, кој се протега на површина од 1.000 метри квадрати и во него ќе можат да се хоспитализираат 48 пациенти инфицирани од ковид-19. Тој е еден од 16-те ковид-центри што ќе бидат изградени во државава.
На денешната свеченост присуствуваа ресорниот министер Венко Филипче, министерот за економија Крешник Бектеши и градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари.
Филипче беше задоволен од брзата изградба на модуларниот ковид- центар, кој ќе овозможи згрижување на сите болни од ковид-19 од регионот, и кој со својот капацитет го овозможува тоа, бидејќи располага со 48 кревети. Министерот нагласи дека за неколку месеци кичевската болница ќе добие и компјутеризиран томограф, а ќе продолжат и градежните работи за довршување на новата болница, за што од страна на Владата се обезбедени доволно финансиски средства.
За вложувањето во кичевското здравство се заблагодарија директорот на Општата болница Станко Трпески и градоначалникот Фатмир Дехари.
Пред новата година во кичевската болница беше предадена во употреба тријажна ковид-амбуланта со 15 кревети, подарок од германската амбасада во земјава. З.А.