Иако матичните доктори веќе се вклучени во процесот на дијагноза и водење на пациентите кај кои постои сомнеж дека се заразени од коронавирусот, тие имаат и обврска секојдневно да ги опслужуваат своите редовни пациенти, кои доаѓаат кај нив од преглед за настинка до барања за упатување до преостанатите здравствени институции за добивање дијагноза и терапија за хронични болести.
Tие сега се и на првата линија за одбрана од коронавирусот.
Во овие новонастанати услови, матичните доктори велат дека сега повеќе работат по телефон, достапни се во текот на целиот ден, отколку што имаат пациенти во ординациите.
Матичната докторка Лилија Чолакова-Дервишова вели дека откако Владата воведе мерки за спречување на ширењето на вирусот, имаат намален обем на пациенти што ги посетуваат. Истакнува дека доаѓаат само пациентите кај кои е неопходен преглед или, пак, имаат потреба од итен преглед кај специјалист.
– Како матични лекари постојано сме достапни. Го ограничивме влезот во ординациите, го обезбедивме целиот простор да не се создава метеж и да има простор меѓу пациентите. Но сега повеќе работиме по телефон. Така се договараме со пациентите за рецепт, за отворање боледување, за продолжување на боледувањата. Во тој поглед обемот на работа по телефон ни е зголемен за 200 до 300 пати – посочува докторката.
Според неа, најголем проблем ќе се создаде на крајот од месецот кога пензионерите што имаат хронични заболувања ќе дојдат кај нив по упат.
– Одамна апелираме до Фондот за здравство да направи електронски рецепти токму за оваа категорија граѓани. Така, сега ќе беше полесен нивниот проток да не се задржуваат ниту кај нас, ниту во аптеките – смета Чолакова-Дервишова.
Од пред неколку дена, во функција се ставени 14 центри за тестирање за коронавирус на територијата на целата земја, од кои два се во главниот град, каде што и има најмногу заболени од овој вирус. Со ова, практично, во функција се ставија близу 1.200 матични лекари.
Матичните лекари преку „Мој термин“ ги упатуваат пациентите во двата пункта во Скопје, но дневно таму може да се земат 36 бриса. Таа бројка се дополнува и со пунктовите од целата држава. Лабораторијата за вирусологија на Институтот за јавно здравје дневно може да процесира 170 примероци од брис за коронавирус.
[email protected]