Согласно анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број нови варијанти на коронавирус, кои претходно не беа присутни кај пациентите во Македонија.
Ова го соопшти Институтот за јавно здравје, од каде информираат дека податокот може да укажува на внес на нови случаи на ковид-19 од странство.
Засега потврдено беше само присуството на британската мутација на коронавирусот во земјата.
Од ИЈЗ засега не соопштија детали за кои мутации станува збор и кај колку пациенти биле откриени.
Инаку во неделниот извештај, ИЈЗ јави дека за 5,3 проценти е зголемен бројот на нови случаи на заразени со Ковид-19 оваа недела, во споредба со претходната. Истовремено регистрирано е намалување од 34,8 отсто на починати од заразата, а процентот на позитивност изнесува 12,9 отсто од тестираните. По добиени два негативни теста за присуство на САРС-ЦоВ-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 2.519 лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 24,2 проценти помалку во споредба со минатата недела.