Македонската асоцијација на новинари – МАН бара од државата, во случајов од владата, да донесе во најскоро време одлука со која медиумите се ослободуваат од плаќање даноци и придонеси за своите вработени во време на заштитните мерки прогласени од почетокот на мар,т па сѐ до завршување на вонредната состојба.
– Исто така владата да донесе одлука со која ќе врши субвенција, надомест на нето платите на новинарите, фоторепортерите, снимателите и нивната логистика во износ од 50 отсто откако медиумите ќе бидат времено ослободени од обврската за плаќање на нивните даноци и придонеси.
Оваа мерка не е голем финансиски терет за државата, а ќе спречи откази за новинари, сниматели, фоторепортери и нивна логистика па и гаснење на медиуми кои во овој период се без приходи. Со рестрикција на новинарската работа ќе ги снема и информациите и ќе доминираат лажните вести, паниката меѓу населението и дезинформациите што е закана за јавниот живот и за последиците од епидемијата.
Одлуката да се однесува за сите медиуми кои се регистрирани како правни лица во: Агенција за медиуми, ММА, ИАБ Македонија, а со листата располага и ДИК.
Новинарите, уредниците, снимателите и фоторепортерите и во вие времиња на вонредна состојба и епидемија на заразен коронавирус ја вршат својата работа која е од јавен интерес и од која јавноста ги добива сите релевантни информации од кои зависи општата состојба во државата како и личната судбина на граѓаните.
Новинарите се на работни задачи кои не можат ниту да ги одложат, ниту да ги работат од безбедна дистанца, исто како и лекарите, медицинскиот персонал, полицијата или војската. Без нивната работа не би постоеле информациите и спроведување на одлуките од витален интерес за оваа кризна, вонредна состојба – се наведува во барањата на МАН.