Предности и мани на дигиталната политика
Новиот начин на работење и функционирање од дистанца заради превенција од ширење на коронавирусот е веќе глобален тренд, на кој се пренасочија компаниите, но и институциите. Владата уште од 22 март го смени дури и деловникот за работа, а оттогаш наваму сите состаноци може да се водат преку телефонска врска и видеокомуникациски софтвери.
Деловникот е дополнет со уште две точки, па, така, покрај владина седница, на ваков начин, во случај на итна и неодложна потреба, може да се одржуваат и седници на работните тела на Владата, како и колегиумите на државните секретари што ги води генералниот секретар.
Натаму, домашните судови преку алатката Зум почнаа да одржуваат рочишта, а првото беше одржано минатиот месец во судот во Кавадарци. Дополнително, премиерот Оливер Спасовски и претседателот Стево Пендаровски неколкупати дигитално и електронски присуствуваа на меѓународни средби и состаноци со државници од меѓународната заедница. Во одреден период и премиерот Оливер Спасовски и министерот за здравство Венко Филипче беа во самоизолација и своите работи обврски мораа да ги продолжат дигитално од своите домови. Сличен беше примерот и со двајцата лидери на најголемите партии Зоран Заев и Христијан Мицоски, кои на сличен начин ги продолжија активностите.
Во изјава за „Нова Македонија“ од Владата велат дека Владата на Република Северна Македонија користи различни комуникациски канали во секојдневното извршување на работните активности.
– Дигиталните алатки за видеоконференции Владата ги користи непречено и во услови на изолација на премиерот и дел од министрите. Алатките се користат за одржување состаноци, за редовна комуникација и координацијата на сите процеси во државата и управувањето со кризата со коронавирусот – велат оттаму.
Од Владата додаваат дека за да се почитуваат мерките и препораките за спречување на ширењето на коронавирусот, и седниците на Владата се одржуваат преку конференциска видеоврска, а на истите тие се носат мерки, препораки, одлуки и уредби со законска сила.
Од друга страна, политичките аналитичари велат дека дигиталното функционирање никогаш не може да го замени непосредниот контакт, но во услови на криза сите опции се дозволени заради заштита на нашето здравје.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски оценува дека дигиталното водење политика во суштина има потенцијал да ги смени домашната политика и начинот на кој функционираат институциите единствено ако трае постојано, но доколку сето тоа заврши за еден или два месеца, на терен и во практика нема да се промени ништо суштествено.
– Доколку еден политичар е неодговорен и во општото политичко дејствување, тој ќе биде неодговорен кога ќе дејствува и дигитално. Сепак, јас мислам дека дигиталните алатки би можеле единствено да придонесат да се подобри однесувањето на нашите политичари и општество. Ако се знае дека видеоврските или целата комуникација се снима од властите, тогаш тие повеќе ќе внимаваат како функционираат за разлика од порано – вели Арсовски.
Тој вели дека во моментов на политичката сцена се активни поголем број софтвери и дигитални решенија на комуникации што ги користат нашите власти и институции, пред сѐ за заштитата на приватноста и информациите што се споделуваат при овој начин на дејствување.
Арсовски потсетува дека има најави во скора иднина, најверојатно во мај, да се одржи и лидерска средба во земјава, но поради две причини не верува дека таа ќе се одржи дигитално.
– Првата, бидејќи е можно дотогаш да бидат тргнати и физичките ограничувања за функционирање на земјата, зашто се очекува скорашно надминување на овие состојби. Втората причина поради која верувам дека овој состанок не би се одржал дигитално е поради приватноста на темите за кои ќе се дискутира меѓу политичките лидери и претседателот што се однесуваат на иднината на нашата земја – резимира Арсовски.