Две групи македонски државјани денеска треба да се вратат од Виена и од Базел, по што ќе бидат упатени во државен карантин кој е задолжителен за повратниците од странство, како што најави министерот за надворешни работи Никола Димитров на неговиот фејсбук-профил. На летовите кон Виена и кон Базел ќе бидат однесени и странски државјани.
– Во соработка со странските претставништва кај нас, им помагаме при репатријацијата во нивните татковини: Австрија, САД, Австралија, Чешка, Холандија, Малезија, Словачка, Унгарија… Таква соработка и солидарност ќе има и утре, на летовите кон Виена и Базел ќе однесеме странски, а дома ќе вратиме македонски државјани – напиша Димитров.
Вчера, исто така, имаше два чартер лета за македонски државјани кои се најдоа затекнати во Германија, при што од Берлин дојдоа 176 патници, а беше најавен и лет од Бон со околу 180 патници.