Секоја војска во своите редови има специјална опрема и експерти што се обучувани целата своја професионална кариера да се справуваат со зарази и контаминации, па, оттука, многу е логично зошто војниците сега се на терен во битката со коронавирусот, секаде во светот, како и во Македонија, велат воените стратези
ЕУ, САД и земјите од регионот сѐ почесто во справувањето со заканите што ги носи коронавирусот се одлучуваат да ја активираат армијата како механизам за справување со штетните влијанија на болеста. Неодамна и во нашата држава беше повикана на помош армијата како дел од серијата мерки за спречување на ширење на заразата.
Имено, во Македонија, со одлука на Владата, припадници на армијата од тетовската касарна заминаа кон границата на Македонија со Албанија, за да ја заштитат од илегалните премини. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска по оваа одлука ја повика нацијата да си помагаме меѓусебно и испрати апел ситуацијата да не се користи за политички поени, бидејќи коронавирусот е пандемија.
– Целта ни е да се ограничат целосно влезот и излезот во овие две општини за да се спречи ширење на вирусот – изјави министерката Шекеринска.
Дополнително, градот Дебар и Центар Жупа се изолирани, а полициски и воени контроли се поставени на пунктови околу овие места, во кои е најголем бројот на заболени луѓе, и не дозволуваат влез на граѓани од други места.
Во регионот, пак, слични мерки за безбедност со активирање на армиите во внатрешноста на земјите веќе презедоа сите балкански држави, а кај дел од непосредните наши соседи (Бугарија и Србија) војската е во градовите и на улиците спроведувајќи ги вонредните мерки за борба со коронавирусот.
Во Европа, пак, Италија, Шпанија, Унгарија, Франција и Романија се државите што веќе ги активираа воените единици и ги распоредија своите трупи по должината на границите и близу населените места. Според романските медиуми, тамошната армија во градот Букурешт определила посебен објект за прием и сместување лица во карантин. Унгарија, исто така, ги ангажира воздухопловните сили за превоз на своите граѓани што живеат во загрозените области и формира специјална работна група за борба против коронавирусот. Франција, пак, изминативе два месеца во воени објекти и касарни ги сместува заболените од вирусот.
Во меѓувреме во САД, највпечатлив пример беше кога гувернерот на американската држава Њујорк, Ендрју Куомо, објави дека испраќа припадници на Националната гарда во Њу Рошел, епицентар на епидемијата на коронавирусот во таа држава. Таму живеат околу 80.000 луѓе, а Националната гарда ќе биде задолжена да ги снабдува, како и да ги дезинфицира установите и училиштата. Според последните податоци, само во Њу Рошел имало 108 потврдени случаи на коронавирус од вкупно 173 во целата држава Њујорк. Во САД имаат потврдено над 1.000 случаи со коронавирус, од кои починале шеесетина луѓе.
Во контекст на актуелните случувања, за обележување се и информациите дека последиците од вирусот се чувствуваат и во НАТО, кое минатата недела информира дека еден негов чиновник веќе заболел од вирусот, а дополнително, новинската агенција Ројтерс викендов информира дека поранешниот генерален секретар на Алијансата Хавиер Солана е примен во болница откако бил тестиран за коронавирус и резултатите биле позитивни.
Во свој осврт на актуелните случувања, пензионираниот генерал Митре Арсовски вели дека армијата во светот сѐ почесто се активира за справување со коронавирусот бидејќи таа е дизајнирана и обучена без оружје да војува со невидлив и непредвидлив непријател како ова заболување.
– Она што го прават сега државите во светот, а истовремено го спроведува и Македонија, е во склоп со причините за постоењето на армијата и во склоп на законот за одбрана на државата и на нашиот Устав – вели Арсовски.
Генералот објаснува дека секоја војска во своите редови има специјална опрема и експерти што се обучувани целата своја професионална кариера да се справуваат со зарази и контаминации, па оттука е многу логично зошто војниците сега се на терен во битката со коронавирусот.
– Натаму, битно е да се знае дека армијата само ѝ асистира на полицијава во воведувањето на јавниот ред и мир. Психолошки војската има подобри резултати во справувањето со граѓанството во вакви ситуации, бидејќи не е истото чувство да видите војник на улица како забранува одредено однесување и полицаец – цели генералот.
Тој додава дека, историски, нашата земја има искуства со справување пандемии од овој профил и додава дека во склоп на некогашната Југославија, армијата била активирана за спречување на ширењето на заразата од вариола вера.
– И тогаш, како сега, нашата војска беше секаде, го ограничи ширењето на заразувањата, помогна во превенцијата на опасното заболување и успешно го порази непријателот – вели генералот.
Тој додава дека освен за заболување, армијата во моменти кога не се користи оружјето војува за заштита на државата и во битките со пожарите, поплавите, земјотресите и другите природни непогоди.
Универзитетската професорка Билјана Ванковска, пак, пишува дека ќе биде вистинска иронија на судбината да се влезе во НАТО во време на пандемија, кога не само што се забранети масовни собири (за славење) туку буквално никому не му е ни грижа за тој наводен успех.
Професорката додава дека во овие моменти главната закана кон државата не е безбедноста туку нешто мало, невидливо, што не познава/признава граници, раси, националности, вери… и кому не му е грижа за најмоќниот воен сојуз.
[email protected]