Лидерите на Европската Унија доцна вечерта, четврток спроти петок, одржаа самит преку видеоконференциска врска, на кој се договараше заедничкиот одговор на Унијата, на локално и на глобално ниво, против коронавирусот.
– Пандемијата на ковид-19 претставува невиден предизвик за Европа и за целиот свет и затоа е потребно итно, одлучно и сеопфатно дејствување на ЕУ, на национално, регионално и на локално ниво – се вели во заедничката изјава на лидерите на ЕУ по состанокот, во врска со ситуацијата со коронавирусот.
Во извештајот на европските медиуми поврзани со заклучоците на ЕУ се информира дека ќе се започне со процес за обезбедување медицинска опрема, промовирање на истражувањата за пронаоѓање лек, справување со социоекономскиот аспект на кризата и помош за граѓаните што се заглавени во трети земји, поради ограничувањето на слободата на движење во контекст на пандемијата.
На состанокот било договорено дека се обезбедуваат 37 милијарди евра инвестиции во рамките на кохезивната политика за решавање на последиците од кризата. Во еден од заклучоците е објавено дека шефовите на држави и влади ги повикуваат претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет да почнат консултации со другите институции, пред сè со Европската централна банка, за да се направи акциски план за идните чекори за справување и излегување од кризата. Во меѓувреме, во контекст на актуелните случувања, се поставува прашањето дали Македонија има своја стратегија за борба со коронавирусот, која на организиран долгорочен и краткорочен начин ќе се справи со заболувањето.
Експертите со кои се консултиравме се поделени во своите ставови за тоа дали нашата земја изгради стратегија за справување со вирусот ковид-19 и колку добро се справуваме со ова штетно случување.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека има впечаток оти нашата држава има своја стратегија за справување со заболувањето, а особено во делот на превенцијата во некои свои чекори Македонија предничи дури и пред повеќе европски држави.
– Она што е специфично во моментов е дека состојбата многу бргу се развива, а секоја одредена мерка што државата ќе ја спроведе сега, ќе се одрази дури за 2-3 недели од моментот на спроведувањето – вели Арсовски.
Според аналитичарот, во подготвувањето на организираното дејствување на земјата, но и на другите држави, најголемата успешност ќе се огледа на балансот меѓу изолацијата на граѓаните и мерките за стимул на економијата во едни вакви услови.
Спротивно размислува универзитетскиот професор Златко Кескоски, кој смета дека државата нема донесено квалитетна стратегија за тоа како треба да се справи во оваа ситуација.
– Прво, кризата се менаџира претходно, пред да се случи. Кризите не се менаџираат во моментот на создавање на кризата. Кризите треба да ги предвидувате во согласност со кризи што настапуваат и се општо познати од типот на елементарни непогоди, епидемии, вонредни состојби, економска криза – рече тој.
Професорот посочи дека во науката има систем со кој може да извршите предвидување и постапувања на државата во согласност со кризните состојби што се наметнати во тој момент.
Според него, тука нашата држава потфрлила.