Единаесет новозаразени од ковид-19 има во Прилеп во изминатите 24 часа. Вкупната бројка достигна 100 заразени. Во самоизолација има 422 лица. Едно лице ноќеска не го почитувало полицискиот час и против него ќе биде поднесена соодветна пријава, посочи градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, на денешната прес- конференција по одржувањето на состанокот на општинскиот кризен штаб.

– По вклучувањето на АРМ состојбата се подобри. Решен е проблемот пред банките и големите маркети, но сѐ уште има гужви пред маалските продавници и затоа повторно апелирам граѓаните да ги почитуваат мерките и препораките и да носат маски. Утре и задутре повторно ќе се дезинфицираат улиците низ градот, јавните површини и парковите – рече градоначалникот Јованоски, потенцирајќи дека Општината утре на граѓаните ќе им подели 60 илјади маски.
Прилеп е во втората фаза од пандемијата на вирусот, посочува епидемилогот Татјана Мургоска – Станимировиќ.

– Вирусот го имаме од почетокот на март. Се пренесува преку контакт и лесно и брзо се шири. Доколку не ги преемевме мерките ќе имавме многу повеќе заболени. Моментната состојба е 100 заразени од ковид-19. Од нив 77 се на домашно лекување, 23 се лекуваат во болнички услови. Три лица се починати. Во инфективното одделение во болницата има 18 хоспитализирани лица, од кои 15 се со потврден коронавирус, а пет се сомнителни. Земен им е брис и се чекаат резултатите. Кај нас само осум лица заразени се здравствени работници, а под здравствен надзор се 30.

Кај дел мерките за самоизолација завршуваат. Останите ќе бидат тестирани. Овие два дена тестирани се здравствени работници од итната медицинска помош и од интерното одделение. До крајот на неделата ќе се тестираат здравствени работници кои беа под самоизолација. Тројца од интерно одделение и седум од одделението за дијализа – изјави епидемилогот Станимировиќ, потенцирајќи дека овие два дена биле тестирани 70 лица и дека едно лице заразено од безбедносните служби, односно полицијата.

Градоначалникот Илија Јованоски апелираше дека доколку се оди во црква денес и утре да се почитуваат мерките за претпазливост и дека општината е подготвена за обезбеди редарска служба.

Ка.М.