Варијациите кои ги навести директорот на кичевската Општа болница, Станко Трпески, поврзани со бројот на новозаболени и оздравени од ковид-19 во Кичево, во целост се остваруваат. Така денес во овој град не е евидентиран ниту еден новозаболен, додека во исто време се евидентирани 25 оздравени лица, што придонесе бројот на активни случаи да се спушти на 349 лица, најмала бројка евидентирана во последните двасетина денови.
– Бројот на новозаболени и оздравени лица во нашиот град е тешко предвидлива категорија , бидејќи секојдневно истите варираат и тешко е да се предвиди какви ќе бидат бројките на новозаболени и оздравени до крајот на годината и почетокот на следната година. Сепак, денешниот биланс е повеќе од задоволителен, бидејќи нема регистрирано новозаболени ниту починати лица, во исто време бројот на оздравени изнесува 25.
Би биле презадоволни ако слични бројки имаме и наредните денови. Радува и сѐ помалиот број на активни случаи, кој денес се спушти на 349 лица. Почитувањето на мерките за заштита е најдобар лек за спречување на порастот на бројот на инфицирани од ковид 19 – вели д-р Џабир Бајрами, член на кризниот штаб.