Деновиве сѐ поочигледни се феномените на недоверба, сомничавост, неувереност во искреноста, добрите намери, чесноста и стручноста, кои како појави придонесуваат за сѐ посилниот замав на манифестациите на поларизираност меѓу граѓаните. Македонската општествена податливост за поделби, овој пат како „бонус-придобивка“ од коронавирусот, го доби новиот тренд на меѓуграѓански поделби, кои сѐ повеќе земаат сила со новиот бран на заразени што ја зафати земјава
Пандемијата ги прикажа во нова светлина стереотипните поделби на граѓанското ткиво во Македонија
Плодното тло на македонското општество за поларизација по повеќе основи се чини дека повторно излезе на виделина, а во контекст на таквата општествена податливост за поделби, овој пат како алатка за тоа, во „погон“ е ставен коронавирусот, особено новиот бран што ја зафати земјава. Секојдневното зголемување на бројките на новозаразени по укинувањето на мерките за спречување на ширењето на пандемијата како да ги рециклира сѐ повеќе разбудените стереотипи на поделба на популацијата, како на партиско-политички план, така и во етничко-конфесионална смисла. Аргументите на техничката влада за укинување на рестриктивните мерки, во смисла дека животот треба што побрзо да се врати во нормалните текови (политички, економски и социјални) и дека присутноста на коронавирусот нема одеднаш да исчезне, од опозицијата се толкуваат само како неразумно брзање за одржување на одложените парламентарни избори, па дури веќе со недоверба се прифаќаат и дневните здравствени статистики за новозаболените.
Во истиот таков контекст на недоверба, сомничавост, неувереност во искреноста, добрите намери, чесноста и стручноста може да се гледа и со сѐ посилниот замав на манифестациите на поларизираност меѓу граѓаните околу ширењето на новиот бран на пандемијата по чествувањето на муслиманскиот верски празник Рамазан-бајрам и новите жаришта во општините каде што е мнозинско населението со исламска конфесионална припадност. Притисокот на јавноста за воведување мерки за изолација само на територијата на овие општини некако оди во прилог на согледувањата за засилување на меѓуграѓанската поларизација од политички, но и од етничко-религиски карактер.
– Мислам дека причините, односно изворите за религиозната и етничка недоверба не се кај граѓаните, туку, пред сѐ, кај властите, кои донесуваат несмасни и крајно непромислени мерки. Мерките и ограничувањата за прославувањето на религиозните празници за некои верски заедници се нешто построги, за други нешто поблаги. Тоа нужно доведува до недоверба помеѓу верниците, кои ни најмалку не се виновни за донесените мерки. Истото тоа важи и за санкционирањето на дивоградбите, без разлика дали се од световен или духовен/религиозен карактер. Овој неизбалансиран однос може и со емпириска прецизност да се констатира. Истото тоа важи и за санкционирањето на работата на угостителските објекти.
Недовербата што се раѓа помеѓу граѓаните, како резултат од овој селективен и несмасен однос на властите, може да доведе (и доведува!) до чувство на нееднаквост, кое лесно може да се транспонира во верска и етничка нетрпеливост. Накратко, власта мора да знае дека со селективност не се гради ниту соживот ниту општество еднакво за сите. Во исто време, вината за оваа состојба власта мора, пред сѐ, да ја бара кај себе, наместо кај граѓаните – ја согледува состојбата професорот по филозофија Љубомир Цуцуловски.
Неизбежноста на политизација на секоја појава во општеството, колку таа да е сериозна, натполитичка и да ги засега сите граѓани, е главната причина за ваквите граѓански реакции, сметаат политичките аналитичари.
– Не гледам некоја нова општествено-граѓанска поделеност произлезена од пандемијата. Можеби пандемијата само во нова светлина ги прикажа веќе стереотипните поделби на граѓанското ткиво во Македонија. А болеста не прашува ни за верска, ни за национална, ни за политичка припадност и сите сме еднакво загрозени. Навистина, по рамазанските празници голем е бројот на новозаразени кластери во општини со повеќебројно муслиманско население, но има и сериозно голем кластер и во Штип, каде што прославата на верски празник не е причина за пандемијата. Моменталната политичка, па можеби и граѓанска поделеност се должи на гледањата околу пристапот со кој власта ја решава пандемијата, која може да се нарече крајно лицемерна и несериозна. Како поинаку да се гледа на укинувањето на мерките за спречување на пандемијата еден ден по викенд-карантин – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.
Во однос на процените дека новиот развој на ширење на заразата на коронавирусот влијаел на зголемување на верско-етничката недоверба меѓу граѓаните, професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања смета дека тоа не е прифатлив агол на гледање на состојбите.
– Немам согледувања дека постои недоверба меѓу граѓаните во однос на пандемијата. Проблемот што го согледувам е недоверба на граѓаните во институциите. Не може државата да функционира во специјални услови, во вонредна состојба ако граѓаните не веруваат во институциите – од здравствени до безбедносни. Таа недоверба е резултат на нивното долгогодишно непрофесионално, политизирано, неефикасно функционирање, што состојбата со пандемијата можеби само го покажа со засилени бои. Инаку, станува збор за сложена општествена ситуација во која недовербата на граѓаните спрема институциите се создавала долго време – вели професорката Најчевска.
Ниту професорот Јове Кекеновски не ја гледа поделбата на граѓанското ткиво по етничко-конфесионална линија во услови на пандемија, зашто смета дека сите граѓани еднакво се загрижени за опасноста од болеста.
– Во принцип, недовербата на граѓаните во овој миг се должи на тоа што техничката влада внесе политизација во мерките што беа предвидени за спречување на пандемијата. Имајќи непринципиелен однос во нивното спроведување, односно не сакајќи да го санкционира прекршувањето на мерките, Владата доведе до оваа ситуација на драстично зголемување на бројките на новозаразени.
Покрај тоа, наместо сите членови во Владата да дејствуваат единствено во овие специјални услови на глобална здравствена закана, во интерес на заштита на граѓаните од пандемијата, тие не успеаја да се издигнат над сопствената политичка провениенција. Притоа, има информации дека повеќе предлози на Комисијата за заразни болести не биле прифатени од Владата поради одредени политички калкулации. Токму непринципиелноста и селективноста во спроведувањето на здравствените мерки ја предизвикуваат недовербата на граѓаните, но тоа сепак не е меѓусебна недоверба – вели професорот Кекеновски.