ПРЕПОРАКИ ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА
Колку е безбедна храната што секојдневно мораме да ја купиме во маркетите? Може ли да го донесеме коронавирусот дома преку лебот, млекото или зеленчукот?
Некои од научните истражувања, кои беа објавени во светските медиуми, посочуваат дека овој нов вирус што пандемиски го зафати светот може подолго да преживее на некои површини надвор од човечкото тело.
Таквите информации ги прават луѓето дополнително претпазливи, но и загрижени, особено кога купуваат храна по пазарите или по маркетите. Предупредуваат дека еден од основните производи што го купуваат секој ден е лебот, а тој во многу случаи се продава без целосна заштитна амбалажа или, пак, половично е спакуван во хартиено ќесе.
Граѓаните имаат дилеми токму за безбедноста на лебот спакуван на таков начин. Велат дека луѓето честопати ги претураат лебовите поставени на полиците, со што ја зголемуваат можноста за ширење на разни бактерии, а сега и на коронавирусот.
– Според досегашните сознанија, коронавирусот не се пренесува преку храната, но, остануваат препораките за спроведување и почитување на правилата на добрите хигиенски и производствени практики, кои во вакви ситуации треба да се зајакнуваат од страна на операторите со храна.
Тие треба да водат сметка и за доследно почитување на препораките за спроведување на засилената дезинфекција во објектите, на опремата и транспортните средства, за намалување на ризиците и за спречување на ширењето на вирусот ковид-19 – посочуваат надлежните од Агенцијата за храна.
Сепак, епидемиологот Драган Даниловски смета дека оној леб што се продава во целофанско ќесе е најбезбеден за консумирање на потрошувачите.
– Тоа не треба да биде препорака до граѓаните сега во време на пандемија на коронавирусот, туку и воопшто, зашто има цела палета бактерии и вируси, кои би можеле да се налепат на лебот што не е спакуван во соодветна амбалажа или е со половична амбалажа – додава епидемиологот Даниловски.
Со цел заштита на потрошувачите АХВ излезе со свои препораки.
– Земајќи ја предвид актуелната состојба со пандемијата на вирусот во земјава, а за обезбедување поголема сигурност на потрошувачите дека купуваат безбеден производ – леб, инспекторите за храна на Агенцијата при контролите им укажуваат и им препорачуваат на производителите, наместо во единечно хартиено пакување, лебот да го пакуваат во двојно ќесе, од двете страни, со што, овој прехранбен производ ќе биде целосно заштитен од евентуално загадување, односно нема да биде изложен на директна контаминација – посочуваат од Агенцијата за храна.
Од Агенцијата за храна апелираат до потрошувачите да не ги допираат производите при купувањето, особено оние што не се целосно амбалажирани, со што ќе го дадат својот придонес во издигнувањето на јавната свест за безбедноста и на оваа категорија производи.