Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нема компромиси кога станува збор за здравјето. Повозрасните се најризичната група. Затоа, да ги поддржиме и охрабриме нашите родители, баби и дедовци во текот на нивната изолација, а ако видите повозрасни сограѓани на прозорец или на балкон – поздравете ги и поразговарaјте малку со нив, дури и ако не ги познавате. Затоа што, на крајот на краиштата, сите ние сме соседи

ЗА ДА НЕ НИ ПАДНЕ ТЕШКО ОДЛУКАТА ЗА ОГРАНИЧЕНО ДВИЖЕЊЕ

Со најновите мерки на државата во борбата против епидемијата со ковид-19, лицата над 67-годишна возраст имаат право само два часа во текот на денот да бидат надвор од домот, и тоа во периодот од 10 до 12 часот. Нема надвор ниту во викендите, кога забраната за секакво движење важи комплетно за целото население.
Оваа одлука тешко им падна на некои наши повозрасни сограѓани, особено на оние што се физички поактивни, па добар дел од денот го поминуваа надвор од своите домови – во маало, во парк, на кеј, на Водно…
Сепак, нема компромиси кога станува збор за здравјето. Овие луѓе се најризичната група кога зборуваме за вирусот што го коси светот, а забраната за движење е воведена токму за да се сузбие епидемијата. Затоа, да ги поддржиме и охрабриме нашите родители, баби и дедовци во текот на нивната изолација.

– Живеам со сопругата, двете деца и внучето. Имавме убава навика со сопругата да поминуваме време во природа, најчесто на Гази Баба, бидејќи ридот и парк-шумата ни се многу блиску до дома. Одевме и на Скопска Црна Гора. Сега, децата нѐ караат, па нема излегување. Сега сме посвесни за опасноста од заразата, а нели, секако, сакаме да си ги зачуваме здравјето и виталноста, па затоа си седиме дома. Постојано си барам и си наоѓам работа низ домот, поправам нешто што е расипано. Читам „Нова Македонија“, решавам крстозбори, следам и на Интернет што се случува во светот. Знам да приготвам и вкусен ручек за семејството. Децата ни пуштаат да гледаме филмови, не ни даваат да одиме ние да пазариме за дома, па тие го прават тоа.

Се слушам телефонски со роднините што живеат сами, па си правиме муабет, ним особено им значи. Сите оние како мене треба да ги почитуваме препораките, да држиме дистанца кога сме надвор и така сѐ ќе биде во ред – вели пензионерот Страхил Поповски.
Фактот дека им е ограничено движењето на нашите возрасни сограѓани, многу е важно заеднички да ги поддржиме и охрабриме во текот на изолацијата. Има неколку начини како да го направиме тоа.

Најпрво, треба да им објасниме зошто седењето дома е неопходно. Останувањето дома во оваа ситуација за нив навистина значи живот, во буквална смисла. Се разбира, не треба дополнително да ги плашиме, туку да им појасниме дека со водењето сметка за себеси, на тој начин ги штитат и своите деца и целата средина, но и општеството. Со тоа што остануваат дома го даваат својот најголем придонес во борбата против епидемијата.
Исто така, неопходно е да бидеме внимателни. Ако имаме какви било симптоми на настинка, не треба да ги посетуваме повозрасните лица, односно треба да се држиме настрана од нив во целост. Дури и доколку немаме симптоми, треба да носиме маска и да ги миеме рацете ако евентуално ги посетиме или ако живееме со нив (а се движиме и меѓу други луѓе надвор).

На повозрасните лица им треба помош во смисла на набавка на намирници, лекови и други потрепштини. Ако имате родители или роднини за кои знаете дека живеат сами или во домаќинството нема друг член помлад од 67 години, јавете му се и прашајте го дали нешто му е потребно од продавница или од аптека.
Исто така, треба да се распрашаме во соседството, дали некој од нашите повозрасни соседи живее сам. Продуктите од набавката најдобро е да им се доставуваат без контакт, а најдобро е да им се остават пред вратата.
Дури и во домот, да ги поттикнеме возрасните луѓе на активност, физичка или ментална. За да можат полесно ја прифатат изолацијата или за да можат полесно да се изборат со самотијата или депресијата, потребно е да бидат што поактивни. Долгото седење и гледање телевизија и вести предизвикуваат анксиозност и зголемена грижа за најблиските, особено во ситуации како што е глобалната пандемија.

За да останат живи, здрави и позитивни, постојано да ги поттикнуваме да шетаат низ станот или куќата, па макар станале и 10 пати во текот на еден час. Да им доставуваме редовно книги, списанија и весници. Можат дури и да сложуваат сложувалки, да решаваат крстозбори или судоку. Можете дури и да им организирате да погодуваат загатка или да им организирате семеен квиз, дури и преку телефон. Јавувајте им се редовно на телефон и зборувајте со нив.

Самотијата е ужасен придружник на изолацијата. Трудете се редовно да ги проверувате ако не живеете со нив. Јавете им се дури и на оние со кои не сте редовно во контакт а знаете дека живеат сами. Вашиот глас сигурно ќе им го разубават денот.
Ако видите повозрасни сограѓани на прозорец или на балкон – поздравете ги и поразговарајте малку со нив, дури и ако не ги познавате. Затоа што, на крајот на краиштата, сите ние сме соседи.