Фактот што откога трае вонредната состојба Уставниот суд одржал само две седници, и покрај големиот број иницијативи за преиспитување на уставноста, пред сѐ, на дел од владините уредби со законска сила, во јавноста создава впечаток дека оваа институција, како единствена што во моментов може да врши директна контрола врз одлуките на техничката влада, ја преспива вонредната состојба. Исто така, се наметнува и дилемата дали по завршувањето на вонредната состојба воопшто ќе има смисла да се разгледуваат и да се одлучува по предметите поврзани со тој период
Владеењето на правото, зачувувањето на уставниот поредок, почитувањето на човековите права… се вредностите на секој демократски систем, кои мора да бидат зачувани и во услови на вонредна состојба. Специфичноста на актуелната вонредна состојба поради коронавирусот низ која минува сега Македонија, е со дополнително нагласени предизвици поради самораспуштеното Собрание и прекинатите изборни активности, што од аспект на владеењето на правото создава многу дилеми. Во такви услови, Уставниот суд претставува единствена институција надлежна за зачувување на уставноста и законитоста, односно единствено тој може да врши директна контрола над одлуките што ги носи техничката влада, преку уредбите со законска сила.
– Уставниот суд претставува орган што е задолжен да се грижи и да ги заштитува Уставот и законитоста во државата во секакви услови – како во редовна така и во вонредна состојба. Уставниот суд мора да функционира во рамките на Уставот дури и во воени околности. Принципот на владеење на правото мора да се почитува и во вонредна состојба и таквата состојба не ја исклучува одговорноста на оние што ги прекршуваат Уставот и законите – вели поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски.
Во текот на изминатата седмица беше забележана зголемена активност на поднесени иницијативи до Уставниот суд, во насока на оспорување на уставноста на неколку уредби со законска сила донесени од техничката влада во периодот додека е во важност вонредната состојба, но и на иницијативи за преиспитување на уставноста на двете одлуки на претседателот на државата за самото прогласување на вонредната состојба.
Иницијативата за оцена на уставноста на одлуката за првиот период од 30 дена вонредна состојба, Уставниот суд веќе ја оцени како неоснована, но во меѓувреме се пристигнати иницијативи за преиспитување на уредбите со законска сила за: прашања поврзани со изборниот процес; ограничување за додатоци и надоместоци на плата за јавниот сектор, примена на Законот за буџет во вонредна состојба; за висина на плата на избрани, именувани и назначени лица во вонредна состојба, примена на Законот за вработените во јавниот сектор, примена на Законот за работни односи во вонредна состојба, уредбата за исплата на јавнообвинителски службеници и истражители од СЈО…
– Веројатно ќе пристигнуваат и други иницијативи за преиспитување на уставноста на уредбите на Владата, а судот и самиот носи процена за потребата за разгледување одредени уредби и законски решенија. Но тоа не значи дека секогаш ќе се донесе одлука за разгледуваните предмети – велат од Уставниот суд.
Фактот дека додека трае вонредната состојба Уставниот суд одржал само две седници, и покрај големиот број иницијативи за преиспитување на уставноста (пред сѐ) на владините уредби, во јавноста создава впечаток дека на некој начин Уставниот суд ја преспал вонредната состојба. Потоа се наметнува и дилемата дали по завршувањето на вонредната состојба ќе има смисла да се разгледуваат и да се одлучува по предметите поврзани со тој период.
– Уставниот суд не е инокосен орган (со еден директор или управител) што сам ги носи одлуките, туку одлуките ги носат деветмина судии. Иако уставните судови немаат уставно одреден временски рок до кога треба да донесат одлука, сепак во деловникот е наведен период од три месеци во кој треба да се разгледа одредена иницијатива. Што се однесува до функционирањето во вонредна состојба, Уставниот суд активно работи и се разгледуваат иницијативите, односно не се чуваат во фиока, но секако не е разумно одлуката да се носи веднаш по поднесување на иницијативата. Понекогаш и ние прво дознаваме од медиумите дека ќе биде поднесена иницијатива, пред да биде официјално пристигната во нашата пошта – велат од Уставниот суд, од каде што нагласуваат дека судот има инструменти да работи и да носи одлука за предмети поврзани со вонредната состојба и по нејзиното завршување.
Во однос на рокот за одлучување за уставноста на уредбите со законска сила што ги носи Владата во време на вонредна состојба, и поранешниот уставен судија Ивановски смета дека нема уставноправна пречка Уставниот суд да ги разгледува и да носи одлука и по завршувањето на вонредната состојба.
– Во услови на вонредна состојба, Владата може да носи уредби со законска сила, но се знае во која димензија тие треба да имаат дејство и, секако, со нив не може да се менува уставниот предок. Ако со некоја уредба се има намера да се злоупотреби правото за нејзино носење, за решавање на некои политички состојби, тоа секако е надвор од уставните рамки на вонредната состојба и за тоа Уставниот суд може да одлучува и по нејзиното завршување – вели Трендафил Ивановски.
Кога станува збор за впечатокот во јавноста дека Уставниот суд ја „преспал вонредната состојба“, Ивановски смета дека тоа во голема мера се должи и на работата на овој суд во редовни околности, кога не бил на висина на задачата да носи независни и професионално правни одлуки, туку бил под големо влијание на политиката и на секоја владејачка структура, па многу предмети не се решаваат со години. Како пример, Ивановски го наведува предметот за Законот за употреба на јазиците, за кој речиси три години не се одлучува.
– Во вонредни услови, одговорноста на сите институции во однос на почитување и зачувување на уставноста и законитоста е двојно поголема, особено на Уставниот суд, кој во услови на нефункционално Собрание е единствен чувар на уставноста. Токму затоа треба особено да внимава својата работа да не ја политизира во вакви услови – предупредува поранешниот уставен судија Ивановски.