Фотографија на скопјанката Јехона Спахиу е победник на конкурсот на Град Скопје за избор на автентични фотографии, видеа или гифови од домовите на граѓаните кои го минуваат времето во изолација сами, со нивните семејства или со милениците.
Како што информираат од Градот, фотографијата на Спахиу е избрана во конкуренција од повеќе од 100 фотографии.
Воедно, градските власти ги покануват граѓаните да продолжат да испраќаат фотографии/видеа/гифови како го поминуваат денот дома.
– Својата фотографија, видео или гиф граѓаните едноставно треба да ја постават на фејсбук страницата СкопјеДома, користејќи ги назнаките #СкопјеДома и #ShkupiNëShtëpi – се наведува во соопштението.
Победниците ќе се објавуваат секој ден, на истата фејсбук страница. За најкреативните, Градот доделува награди во висина до 100 евра.