Жител на Куманово ќе биде казнет со 2.000 евра поради непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Како што информираат од кумановското Основното јавно обвинителство, човекот на 16 март, при влез во државата на граничниот премин Деве Баир, потпишал писмена изјава дека ќе се стави во самоизолација, бидејќи доаѓа од Австрија како ризична земја во однос на ширењето на епидемијата.
Притоа прифатил самоизолацијата да ја извршува во неговиот дом во Куманово, но при контрола на 17 март од страна на полицијата обвинетиот не бил затекнат во домот.
Со ова тој не постапил по донесените прописи за време на пандемијата на коронавирус, поради што кумановското Основното јавно обвинителство до Основниот суд во Куманово предложило на обвинетиот да му изрече 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба е определена во висина од 20 евра во денарска противвредност.
Судот го прифатил предлогот и на обвинетиот Кумановец му изрекол глоба во вкупен износ од 2.000 евра во денарска противвредност.