Со вчерашните нови 404 случаи со ковид-19 регистриани во земјава, во болниците низ Македонија се лекуваат 595 пациенти.
Од нив на Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 134 пациенти. На кислородна поддршка се 92 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата во Козле хоспитализирани се 5 деца и 8 позитивни мајки, 2 мајки суспектни на Ковид-19, нема хоспитализирани деца суспектни на вирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 46 пациенти. На респиратор седвајца пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 52, а во болницата во Штип се 50 пациенти.
На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани и Кавадарци се хоспитализирани 298 позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Струмичката болница ќе адаптира цел оддел за ковид центар
Министерот за здравство, Венко Филипче вчера ја посети струмичката болница од каде информираше дека тука ќе адаптира цел оддел од новиот крак за ковид центар. Со тоа, ќе бидат обезбедени околу сто нови легла за лекување на пациентите со Ковид-19 од Југоистокот.
Филипче рече дека доколку дојде ситуација да е потребно да се ангажира уште поголем број на медицински лица, апсолутно дека ќе се пренаменат и другите болнички капацитети од интернистички одделенија.
Директорот на струмичката болница д-р Наке Гогов потенцираше дека првиот спрат од новиот крак на болницата поради потребата и итноста се пренаменува како ковид центар.
Во новиот крак во установата, условите ќе бидат подобри и ќе бидат сместени пациентите на кои им е потребно лекување, а ќе се ротира персонал од другите специјалности.
„На инфективното одделение имаме 32 пациенти кои лежат и 20 пациенти кои се на домашно лекување – пациенти со полесна клиничка слика. Двајцата доктори и шестте медицински сестри имаат уште неколку денови имаат од изолацијата и лекувањето. Истата бројка е од пред недела дена. Во моментов, има слободни четири до пет кревети“, рече Гогов.
Болниците се преполнуваат, капацитетите се прошируваат
Министерот нагласи дека болниците низ Македонија се преполнуваат, па се прават припреми за болницата во Козле и дополнителни капацитети за болицата „8-ми септември“. Во однос на штипската болница, министерот вели дека постои целосна координација и комуникација за префрлање на пациенти во болницата во Кочани.
„Во болниците Битола, Прилеп и Охрид веќе се сместуваат пациенти на интернистички одделенија. Можно е да се соочиме со ситуација кога и друг кадар ќе работи само со пациенти со Ковид-19. Можно е да има период кога целокупниот останат програм ќе да се намали со цел целиот кадар да се посвети на лекување на пациентите со Ковид-19“, рече Филипче.
Министерот изрази надеж дека ќе нема потреба од носење на пациенти во странство, но, како што кажа, се подготвува и такво сценарио.
„Притисокот е навистина голем. Искрено се надевам дека мерките кои ги препорачавме, ќе придонесат да се намали трансмисијата на вирусот. Гледаме што се случува во целиот регион, во цела Европа, се преполнуваат болничките капацитети, тоа што сите сакаме да избегнеме“, истакна министерот Филипче и додаде дека на состанокот на министри за здравство од регионот во рамки на Берлинскиот процес кој се одржа пред два дена се разговарало за да се избегнат целосните ограничувања.