Денеска е вториот ден од деветотто издание на самитот „Македонија 2025“, кое се одржува во дигитална/хибридна форма. Денот почна со интерактивна дискусија со наслов „Светот во време на криза“, организирана од клубот „Келог алумни“ на „Македонија 2025“, каде што свои излагања имаа Борут Штрукељ – универзитетски професор на Катедрата за фармацевтска биологија на Факултетот за фармација при Универзитетот во Љубљана, член на тимот за развивање на вакцината против Ковид-19, и Ѓорѓе Војновиќ – главен извршен директор на „Триглав осигурување“ АД Скопје.
Во моментот во фармацевтската индустрија, генерално, има две клучни работи, односно дилеми поврзани со откривањето на вакцина против Ковид-19, а тоа се безбедноста и ефикасноста. Колкава би биле безбедноста и ефикасноста доколку се земе предвид краткото време за развој – една година.
– Драго ми е што ќе зборувам на оваа тема. Токму тоа е основното прашање – како ќе развиеме вакцина за толку кратко време ако земеме предвид дека за тоа реално се потребни три-четири години. Беа инвестирани билиони евра за најкратката можна процедура, а тоа го олесни целокупниот процес. Секако, безбедноста е најважна. Кога станува збор за ефикасноста, новите вакцини се многу добри, но мора да се внимава на безбедноста. Новите вакцини се составени од РНК И ДНК-молекули, значи само од генетски материјал. Може да се каже дека на некој начин поради тоа се поефикасни и побезбедни. Сепак, мора да сме внимателни – истакна професорот Борут Штрукељ.
Во своето излагање тој исто така ја објасни разликата меѓу типовите вакцини и направи споредба меѓу оние на „Модерна“, „Фајзер“, „Астра зенека“, руската и кинеската вакцина.
– Секоја земја, секое министерство за здравство, е одговорно за вакцинацијата и ќе има можност да избере од најмалку три вакцини на пазарот. Светот има повеќе опции. Но, сè уште е тешко прецизно да се зборува за безбедноста и ефикасноста – истакна Штрукељ.
Понатаму, на панел-дискусијата „Исти правила – различни земји: Како да почнете и да изградите успешен бизнис?“, публиката имаше можност да слушне за искуствата од врвни докажани луѓе од сферата на домашниот и меѓународниот бизнис.
Вториот ден од самитот го заокружија Мајк Зафировски, коосновач и член на одборот на директори на „Македонија 2025“, и Харди Пемхива, извршен директор и управен директор на „Еконет глобал лимитид“ од Јужна Африка, со интересна дискусија на тема „Совршени животни метрики“.
Во обид да ѝ се помогне на сопствената држава, „Македонија 2025“ изработи и платформа за поврзување македонски компании со професионалци и експерти со македонско потекло од светот. Посетителите на виртуелниот самит може да очекуваат интересни содржини и во текот на утрешниот последен ден.