Сојот на коронавирус, омикрон, кој се шири со брзина каква што светот не ја видел од почетокот на пандемијата, останува опасен вирус иако предизвикува поблаги симптоми – изјави генералниот секретар на Светската здравствена организација, Тедрос Адана Гебрејесус.
– Иако омикронот предизвикува поблаги симптоми од делта (доминантната варијанта досега), тој останува опасен вирус, особено за оние кои не биле вакцинирани – рече Гебрејесус за новинарите.
Омикрон, кој првпат беше идентификуван во јужниот дел на Африка на крајот на ноември 2021 година, се прошири низ целиот свет и огромен број луѓе се заразени со овој вид.
– Повеќе пренос на вирусот значи повеќе хоспитализации, повеќе смртни случаи, повеќе луѓе неспособни за работа, вклучително наставници и здравствени работници. Исто така, постои опасност од нов вид, кој може да биде попренослив и смртоносен од омикрон – предупреди генералниот секретар на СЗО.
Друг претставник на организацијата, Мајкл Рајан, на истата прес-конференција изјави дека коронавирусот не е лесна болест, туку болест која може да се спречи со вакцини.