Светската здравствена организација во понеделникот изрази неподготвеност да ја поддржи идејата да препорача носење маски за сите што излегуваат надвор, велејќи дека има само ограничени истражувања за нивната ефикасност во запирањето на пандемијата на ковид-19, пренесува „Њујорк пост“.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејесус, призна дека земјите сакаат да сторат сé што можат за да се заштитат себеси и другите, но посочи дека сè уште има потреба од повеќе истражувања за тоа дали луѓето ќе имаат корист од дополнителната заштита.
– Јасно е дека има ограничено истражување во оваа област. Апелираме до земјите што размислуваат за употреба на маски за општата популација да ја испитаат нивната ефикасност за да можеме сите да научиме нешто од тоа – рече Тедрос.
Тој кажа дека намалената залиха од маски треба да биде наменета пред сè за здравствените работници во првите борбени редови, но СЗО сега ќе препорача опрема и надвор од медицинските центри во одредени ситуации со висок ризик.
– Земјите би можеле да размислат за употреба на маски во заедниците каде што другите мерки, како што се миење раце и одржување физичко растојание, е потешко да се постигнат поради недостигот од вода или тешките услови за живот – вели директорот на СЗО.
Тедрос истакна дека се препорачува употреба на маски и за болните лица и за оние кои се грижат за некој заразен во домашни услови.
– Ако се носат маски, тие мора да се користат безбедно и правилно – рече тој.