Изминатите месеци низ страниците на „Нова Македонија“ продефилираа голем број личности со свои видувања за тоа како ги минуваат деновите во самоизолација. Сите тие дадоа свој придонес во нашиот проект, кој беше инициран и осмислен за полесно да ја пребродиме оваа криза поради пандемијата на коронавирусот. Во следните денови овој простор им го препуштаме и на вработените во „Нова Македонија“ за да ги споделат своите приказни
Поскоро да се вратиме на она „старото нормално“
Со две мали деца дома, на возраст од една и две и пол години, не се чувствуваат многу самоизолацијата и карантинот. Денот е бурен независно од сите воведени ограничувања и мерки. Среќа голема е што имаме голем двор, па максимално го искористуваме. Поголемото дете, Петар, е живец, кој не седнува ни минута, па по цели денови играме со песок, правиме „ручек“ со ливчиња, трева и кал, возиме тротинет, велосипед, а и често одиме во подрум, за да свириме на тапани. Калина штотуку проодува, па со неа пешачиме низ целиот двор, а честопати и се обидуваме да го стигнеме ритамот на бато, кој е недостижен.
Најчесто утрата ни се најтешки, затоа што јас морам да пишувам, а тие сакаат да одат надвор, па правиме компромис, јас излегувам надвор со компјутерот, за сите страни да бидат задоволени. Околу пладне веќе станува жешко, па влегуваме внатре, се подготвуваме за пладневен одмор. Најтешко е кога доаѓа 19 часот. Калина не прави разлика каде ќе оди, додека има кој да ја води, но Петар многу тешко го прифаќа затворањето во дворот. Ужива на уличката да вози велосипед, бидејќи дворот сепак е за игрите што му се интересни одредено време.
Тешко ни е само тоа што не можеме да се видиме со друштвото, децата си сакаат деца, но и ние сакаме да се олабавиме и да испиеме по едно кафе со пријателите. Се надеваме дека набргу ќе ја надминеме оваа ситуација, за да се вратиме на она „старото нормално“. Ова новото нормално да го оставиме зад нас…