Целата таа тишина беше нов момент за мене
Не можам да кажам дека бев изненаден од целиот тој хаос и неизвесност што се случија кај нас, бидејќи судирот на тема корона го почувствував уште во јануари во Пекинг, каде што гостувавме со МНТ, сo претставата „Галеб“. Покрај различната култура и традиција што Кина сама по себе ги поседува и е еден различен свет од сѐ друго што сум посетил досега, можев да ги почувствувам стравот, агонијата и загриженоста дека нешто не е во ред. Се чувствуваше целата таа тензија.
А како сега јас се справувам со нашата ситуација, можам да кажам дека спортот е единственото нешто што ме одржува и ми помага, пред сѐ на моето психофизичко здравје, кое во овие моменти ни е многу потребно. Всушност, моето хоби е пливањето, но во оваа вонредна ситуација го заменив со трчање и вежбање табата во домашни услови и си зададов цел тоа да бидат минимум по 20 км на ден и долги прошетки во природа, а мојата голема пасија за филмови и серии ја оставив малку во мирување и секој момент го користам да бидам надвор.
Оние долги карантински денови не ми беа едноставни, целата таа тишина беше нов момент за мене, кој морав да го прифатам и да се приспособам на моменталната ситуација. Си задавав нови домашни задачи што не сум ги правел претходно. Покрај генералките дома, кои ми беа зачестени, и разните експерименти во кујна, ја отворив конечно онаа книга што сакав да ја прочитам. Одморив, размислив, малку забавив со своите планови и си дадов повеќе време себеси. Верувам и се надевам дека што поскоро ќе заврши ова лудило. И треба да сме свесни дека сме сите заедно во оваа битка и секој од нас има одговорност кон себе и кон другиот.