Музика, вино, книги, игри и многу храна
Периодов на самоизолација ми даде шанса да завршам многу домашни проекти што со работните обврски вешто ги избегнував, а повеќе време имам и за моето хоби – изработка на предмети од епоксидна смола. Во деновиве кога сум дома повеќе готвам, слушам многу музика, си играм и учам со децата. Тоа се секојдневните активности што ми го пополнуваат денот. Хајлајт ми е шетањето на кучето за време на полициски час.
Како ми изгледа еден ден? Стануваме сите најчесто околу осум часот наутро, па заедно со поголемата ќеркичка приготвуваме појадок.
Во претпладневните часови играме и, доколку дозволуваат мерките, излегуваме надвор на кратка прошетка. По ручекот, почнуваме со реализација на училишните активности. Навечер е време за долгометражен цртан филм или друштвени игри, како монопол или „Кој сум јас“. Слободното време го користам за изработување предмети и накит од епоксидна смола. Моментално работам и помагам на заеднички проект со еден пријател. Изработката е од дрво и смола, со нетрпение го чекам крајниот резултат.
Она што ми недостига е работата, луѓето, другарките, излегувањата и дружбите. Голем дел од времето сме на телефон или на групен чет, кој ни ги олеснува грижите и ни овозможува виртуелно да се видиме и да испиеме заедничко кафе.
Периодов во принцип ни го скрати друштвениот живот, но и ни даде шанса да се свртиме кон себеси и нашите најблиски. Музика, вино, книги, игри и многу храна го карактеризираат мојот живот во изминатите два месеци. Се надевам дека многу наскоро ќе се вратам на работа во „Вардар филм“ со полно работно време и дека ќе можам да си ги реализирам почнатите проекти. Ќе уживам во долги прошетки, излети во природа и културни настани.