Одамна престанав да ја барам среќата надвор од себе
Во трескавичната трка за профит, одамна го изгубивме морално-етичкиот компас претворајќи се во егоистични ѕверки што рушат сѐ пред себе. Појавата на ковид-19 е логична реакција на декадентниот, антропоцентричен, расипнички однос со кој ја доведовме нашата планета до работ на уништување; сведоштво за човековата глупост, алчност и себичност; потсетник за нашиот страв и немоќ при соочување со непознатото. Наспроти суперсоничниот технолошко-технички напредок, останавме затечени и неподготвени пред еден невидлив вирус. Единствениот ефикасен метод за справување со коронавирусот, барем засега, е пасивниот – седејќи дома во самоизолација. Да не беше трагично, ќе беше саркастично.
Новонастанатата ситуација предизвикана од пандемијата не влијае драстично врз моите секојдневни животни активности. Во услови на самоизолација го правам тоа што вообичаено го практикувам во нормални околности, интензивно сликам во моето ателје, а остатокот од денот го поминувам со семејството. Сликарството е крајно индивидуална професија и во таа смисла функционирањето во затворен простор за мене претставува логична природна состојба. Одамна престанав да ја барам среќата надвор од себе, освен кога станува збор за времето поминато во кругот на моето семејство. Периодот на самоизолација е идеален токму за продлабочување на односите со најблиските.
Карантинот е исто така податлив за финиширање на некои заостанати активности (мноштвото нови книги што поради тековните работни обврски останале непрочитани, конечно, дојдоа на дневен ред), средување на личната архива, преслушување нова музика… Оваа, како и секоја друга криза, иницира преиспитување на востановените навики, потреби, гледишта и стремежи, потсетувајќи нѐ дека среќата ја чинат малите нешта што ги прифаќавме здраво за готово сѐ до појавата на вирусот. Одеднаш приоритетите се променија. Здравјето стана основен императив наспроти вулгарниот материјализам и консумеризам, кои дотогаш неприкосновено царуваа. Се надевам дека по окончувањето на пандемијата, конечно ќе ја научиме лекцијата и ќе излеземе од оваа криза помудри, посовесни и похумани.