Приказни од самоизолациjа

Споделуваме кршливост, но и солидарност

Колку е некој посоцијален толку потешко му паѓа изолацијата. Дури тогаш разбираме колку многу ни значат и пријателите и работата. Но кога нешто мора да се испочитува, да се стисне на пауза, треба да се најде задоволство во други работи и да се зачува чувството на корисност. Една од позитивните работи од почитувањето на препораката да се остане дома е тоа што дома сме понасмеани, потопли, успеваме да се доискажеме, имаме повеќе време да бидеме заедно. Ова е можност и човек повторно да ја засака својата кујна, а и да ги посети заборавените ќошиња. Да се расчистува дома значи и да се поместуваат предмети и да се најдат некои заборавени книги, а со нив и некои од претходно напуштените идеи. Така, човек почнува да си поставува прашања за она што е заборавено и одложено поради брзината со која го живееме животот вообичаено.

Една од работите за која сега добив повеќе време е да ѝ се навратам на колекцијата на Музејот на современата уметност (МСУ), која е инспиративна, и што ми помогна да ја збогатам комуникацијата со колегите и со редовните посетители. Бидејќи во изолација е целиот свет, комуникацијата што вообичаено ја имаме со другите музеи, куратори и уметници во овој период, не само што не престана туку се интензивира. Сфативме дека имаме еден дел од она што се нарекува верна публика, која е заинтересирана да нѐ следи, па дури и преку социјалните мрежи. И бидејќи во нашите настапи повторуваме колку е богата колeкцијата на МСУ, со над 5.000 дела, тоа богатство сега беше пошироко демонстрирано преку нашите профили на Фејсбук и на Инстаграм, со претставување на едно дело дневно. Ми се чини дека цело време се подготвувам за денот потоа, денот кога повторно ќе влеземе во нормалната рутина.

Ме плаши дека ова изгубено време тешко ќе се надомести и дека некои работи и професионално и приватно веќе нема да можат да се реализираат. Од друга страна, ме радува што нашите партнери во светот, слично како и ние, времето го поминуваат во планирање нова агенда, не креваат раце. Нашата улога во општеството како музеи е да се потсетиме, да го подигаме духот. Главниот проект што го реализира МСУ претходниве две години е претставување на рецентната уметност во светот и во регионот, со наслов „Сѐ што ни е заедничко“.

Нашето претчувство беше дека ќе се покаже дека се соочуваме со истите грижи, им се радуваме на исти работи насекаде во светот, дека многу нешта споделуваме, независно кај сме. Оваа глобална здравствена криза само ни потврди колку е мал светот и дека, за жал, една од работите што ги споделуваме е нашата кршливост, но и солидарност.