Голема лекција дека сите ние сме исти
Мислам дека на многу луѓе, а и мене исто така, добро ќе ни дојде овој, не по наша вина, карантин, бидејќи сега имаме повеќе време да го поминеме поголемиот дел од денот со семејството. Тоа, всушност, е и мојата најголема поддршка во животот. Порано постојано бев на подготовки, патувања, натпревари и немав доволно време да им се посветам на моите најблиски.
Исто така, оваа самоизолација нѐ натера и повеќе да размислуваме за себе, поточно како да бидеме подобри личности, но истовремено е и една голема лекција дека сите ние сме исти, без разлика на сѐ што поседуваме во моментот. Претходно животот како да ги изгуби вистинските вредности.
Во овие моменти на домашна самоизолација денот најчесто го поминувам така што прво ги завршувам моите тренинзи, кои, се разбира, сега ги правам во домашни услови. Сепак, ЛОИ, иако се одложени за следната година, за мене и понатаму остануваат главен приоритет на спортско поле.
Во друштво сум и на добри книги, кои, пак, од своја страна ме мотивираат да бидам уште подобар на татамите, а и ме градат како личност. Не изостанува ни гледањето филмови, серии, а неизбежно е и релаксирањето со играње карти со моите домашни, потоа видеоигрите итн.
Сакам да истакнам дека оваа непосакувана ситуација, која со пандемијата на коронавирусот го погоди светот, колку и да биде долга и тешка, сепак, на крајот ќе успееме да ја надминеме и да им се вратиме како порано на секојдневните радости. Само е потребно да бидеме трпеливи и да ги почитуваме препораките што ни се препорачуваат против невидливиот непријател.