Претставник на Светската здравствена организација изјавил дека државите кои планираат да ги прекинат своите мерки за изолација на населението треба да го прават тоа постепено.
Препораката од СЗО е тоа да се прави во фази, да не се укинуваат сите рестрикции истовремено.
Директорот на СЗО за вонредни ситуации, Мајк Рајан, рекол дека мерките за изолација воведени во многу земји ги опфаќаат училиштата, работните места, социјалните групи на јавно место и собирањата во паркови.
– Најверојатно би била лоша идејата да се укинат сите рестрикции истовремено – рекол Рајан.
Тој додал дека државите не треба да излезат од изолација, а претходно да немаат план како ќе го задржат ширењето на болеста на ниво кое може да се контролира.
– Изолацијата го намалува ширењето на вирусот. Кога ќе се укине изолацијата, мора да имате алтернативни методи да ја спречите заразата – рекол Рајан.
Според него, државите треба да имаат воведени системи да детектираат случаи на заразата, да следат контакти, да ги стават во карантин случаите кои се сомнителни и широко да го тестираат населението за оваа болест.