Луѓето стануваат сѐ покреативни и попродуктивни
Живееме во чудна и необична ситуација. До вчера сите посакуваа да се одморат од метежите, работата, училиштата, од контактот со луѓето, а сега сите молат да излеземе надвор. На почетокот на оваа пандемија, како и повеќето луѓе, и јас бев загрижен за моето и за здравјето на моите сакани. Моите мисли се со семејството на ќерка ми во Чикаго, каде што пандемијата зема замав, како и со семејството на другата ќерка, која е тука и која ни е целосно посветена.
Всушност, оваа пандемија не носи само немили нешта. Покрај стресот и притисокот, семејствата сега се заедно во своите домови. Луѓето стануваат сѐ покреативни и попродуктивни во исполнувањето на своето време минато дома. Оваа изолација, на која сме принудени, ми даде доволно време и поттик за размислување. Сега имам време и поцелосно да се потсетам на децениите минати во шаховските арени, како и на одиграните партии, што, пак, создава незаборавно чувство во светот на „64-те полиња“.
Светот се движи напред, додека ние, луѓето, сме затворени и само низ нашите прозорци може да ги забележиме промените. Додека популацијата на луѓето во целиот свет расте, сѐ помалку од тие луѓе имаат хуман карактер. Влезени сме во систем во кој безмилосно уништуваме сѐ пред себе. Иако нашата изолација носи и убави нешта, сепак, сметам дека ова е казна и лекција за сите нас. Лекција дека сме благословени што имаме парче земја и дека треба да го чуваме онака како што тоа нѐ чува нас со векови.