Работа од дома
Баба ми Родна цел живот ми повторуваше: „Чедо, ич плата да не дават, на работа да одиш. Ќе станиш одсабаале, це дотераш, фризура ци напраиш, ташната на рамен’то и ци испадниш. Госпоѓа си. Дома си домаќинка“.
Откако работиме од дома, сѐ по пропис како што нѐ советуваа: си наместив работно катче, го приклучувам лаптопот таму секое утро и вклучувам мејл. Со изгледот и гардеробата сум многу полабава и стани-седни цел ден. Со фокус и концентрација сум најлабава, тоа со судни маки оди. Денес, активна уште од сабајле, станав, се дотерав, се нашминкав, се средив. И си викам, сега само ми фали уште чантата на рамен’то и да излезам. Ама каде, од спална до дневна? Ај си реков ќе одам до месарница, месо за ручек да купам набрзина, така ќе имам впечаток дека сум отишла до работа, и потоа ќе седнам да работам.
Така и направив. Во 12 ч. имав закажано скајп-состанок. Е, арно ама катчето работно у трпезарија. А мајка ми е една многу необична пензионерка, цела ноќ седи на компјутер и сабајле спие до 11. Никако да го фати пензионерското време за прошетка, некако не ѝ се наклонети меркиве. Стана таа во 11 часот и ѝ викам: „Имам состанок од 12, те молам да не ми се моташ по кујна и да не тропаш со тенџериња ако може. Појадувај и седи у соба дури завршам. И да знаеш, месо купив за ручек.“ Се согласи веднаш: „Ааа, нема проблем, тамам работа, какво мотање, викни ме кога ќе завршиш.“
Почна состанокот, си тече сѐ фино, и во еден момент чувствувам јас мирис на месо што се пече.
Тече состанок, мирисот се интензивира. Се протуткав на столот, лево-десно погледнав, сѐ си мислам ќе ја здогледам да ѝ дадам некој ишарет да види што е. Ама неа ја нема. Во еден момент стана критично, а јас среде реченица. Срам не срам, нема друго, тоа е, и изговорив: „Извинете, јас морам да станам накратко, ќе ми изгори месото на шпорет“. Отрчав до кујна, го спасив во последен миг. Среќа, состанокот со драги и разбрани луѓе, се изнасмеаја и ми рекоа: „Ај, да не те мислиме, важно не остана без ручек денеска“.
Заврши состанокот, одам во соба кај мајка ми, она послушно си седи и си чита. Викам: – А бе Дуле, многу послушна си да му се сневиди, а месото?
– Шо месото, го ставив јас на тихо, си се динста тоа. А ти нели рече да не мрдам. Да не изгоре?.
– Не, не, сѐ е ок.
И седам така и си мислам, ова работа од дома ниту си „госпоѓа“, ниту си „домаќинка“.
Ох, сакам да си ја ставам чантата на рамен’то!